Силно невреме денеска го погоди Загреб, носејќи силен ветер, дожд и град во делови од градот. На повеќе локации биле пријавени паднати дрвја, оштетени покриви и прекини во јавниот превоз.
Поради паднати дрвја врз трамвајските линии, трамвајскиот сообраќај бил прекинат на делови од Савска и Максимирска улица. Проблеми имало и во Микулиќи, каде што бил пријавен паднат електричен кабел, додека граѓани објавувале снимки од откорнати ќерамиди и оштетени покриви во населбата Шпанско.
Невремето дошло по нагла промена на времето и темни облаци што се надвиснале над градот. Во делови од Загреб падал и град, а силниот ветер предизвикал штети на дрвја и објекти.
Хрватскиот државен хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување за загрепската регија, со најава за олујни удари на северен ветер. Предупредувањето важи денеска од 11:00 до 17:00 часот, а најсилните удари на ветерот се очекуваат да надминат 75 километри на час.
Во предупредувањето се наведува дека се можни оштетувања на конструкции, опасност од откорнати дрвја, скршени гранки и предмети носени од ветерот, како и прекини во сообраќајот и снабдувањето со електрична енергија. За делови од земјата беа најавени и поизразени врнежи со грмежи, како дел од нестабилниот бран што ја зафати Хрватска.