Новиот билборд „Добредојдовте во Скопје“, поставен на влезот во градот, наместо промоција на главниот град предизвика потсмевање и бројни реакции на социјалните мрежи.
Граѓаните забележаа дека коњот Букефал е прикажан со пет нозе, Александар Македонски наликува на православен свештеник, а во заднината се појавуваат црковни објекти што повеќе потсетуваат на белградскиот храм „Свети Сава“ отколку на препознатливи скопски знаменитости. Критики има и за неприродно издолжениот Камен мост и тврдината што не наликува на скопското Кале.
На социјалните мрежи се споделуваат шеги дека билбордот изгледа како неуспешна слика создадена со вештачка интелигенција. Засега нема јавно објаснување од градоначалникот Орце Ѓорѓиевски кој го изработил визуелното решение, дали билбордот бил проверен пред поставувањето и дали ќе биде заменет.
