Скопје по невремето остана со блокирани улици, откорнати кровови, паднати дрвја и оштетени возила. Најмалку 11 лица побарале медицинска помош, а Центарот за управување со кризи примил повеќе од 1.000 повици од граѓани.
Невремето траело кратко, но силниот ветер за неколку минути предизвикал штети во речиси сите делови од градот. Кровни конструкции, лимови, гранки и други предмети летале низ улиците, додека обилниот дожд дополнително го отежнал движењето.
Шестмина од повредените биле згрижени во Градската општа болница „Свети Наум Охридски“, четворица во Ургентниот центар, а едно лице самостојно се пријавило во Клиничката болница „8 Септември“.
Повредите биле предизвикани од паднати дрвја, керамиди и делови од оштетени објекти. Дел од пациентите имале набиеници и посекотини.
Голема штета била направена во близина на пазарот Буњаковец, каде што ветерот откорнал кров од станбена зграда. Дел од конструкцијата останал да виси над соседниот објект, а други делови биле однесени до булеварот „Партизански одреди“.
Оштетени и откорнати кровови биле пријавени и во Карпош, Острово, кај трговскиот центар „Мавровка“, на улиците „Женевска“ и „Трифун Бузев“, како и на објектот на Центарот за странски јазици.
Паднати дрвја блокирале делови од „Рузвелтова“, „Партизански одреди“, „Теодосиј Гологанов“, „Илинденска“ и други сообраќајници. Непроодни делници имало и во Маџари, Драчево и Долно Лисиче.
Во повеќе населби биле оштетени автомобили, електрични кабли, канделабри и делови од куќи. Силниот ветер превртел и мотоцикли во Аеродром и Ченто, а во делови од градот имало прекини во снабдувањето со електрична енергија.
Кризниот штаб на Град Скопје и општинските штабови ги мобилизирале расположливите служби. Екипите на јавните претпријатија, пожарникарите, полицијата и комуналните работници останале на терен за расчистување на улиците и обезбедување на оштетените објекти.
Граѓаните се повикани да ги пријават штетите, да не се приближуваат до нестабилни кровови, оштетени дрвја и откачени електрични кабли и да ги следат насоките на службите.
