Брзите линии на возовите во Франција биле цел на неколку злонамерни акции, вклучително и на подметнување пожар, утрово, во настан кој се опишува како „координирана саботажа“ за да се наруши превозот пред церемонијата за отворање на Олимписките игри.
Државната железничка компанија SNCF рече дека инцидентите се голем напад со цел да се парализира мрежата на брзи возови. Во објава на социјалните мрежи тие велат дека голем број на возови биле пренасочени или откажани и побараа од патниците да ги одложат своите патувања и да не одат на станиците.
Според нив возниот ред е многу нарушен, а одложувањата и откажувањата на линиите ќе погодат околу 800 илјади патници, колку што се очекувале викендов.
Возниот ред на железницата во Франција ќе биде нарушен најмалку до понеделник.
Еуростар, брзиот воз кој ги поврзува Франција и Велика Британија морал да откаже и пренасочи неколку возови поради ваквите прекини.
Координираната саботажа, како што ја нарекуваат Французите, е на само неколку часа пред отворањето на летните Олимписки игри во Париз, каде што се очекуваше да присуствуваат повеќе од 320 илјади посетители покрај реката Сена.
Според француската министерка за спорт и за Олимписките и Параолимписките игри, Амел Удеа-Кастера, актите против Олимписките игри се акти против Франција и против својата земја.
Како одговор на ваквите напади, полицијата во Париз најави и зголемено присуство покрај железничките станици, откако веќе беше најавено дека франуската престолнина ќе биде засилено чувана овој викенд.
Франција планира да распореди околу 35 илјади полицајци секој ден за време на игрите, а за церемонијата за отворање тој број беше планиран да биде 45 илјади. Дополнително, околу 10 илјади војници ќе бидат распоредени околу Париз, а француските власти добиваат помош и од 1.800 полицајци од други држави.