Гаши вели дека ставот за осудените лидери на ОВК бил личен

ФОТО: Независен.мк

Претседателот на Собранието Африм Гаши денеска изјави дека неговата реакција по првостепената пресуда за поранешните лидери на ОВК била негов личен став како граѓанин и политичар, иако во јавноста настапува и како носител на една од највисоките државни функции.

Гаши минатата недела реагираше на пресудата на Специјализираните совети на Косово во Хаг против Хашим Тачи, Кадри Весели, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи, наведувајќи дека тие „за албанскиот народ остануваат ослободители на Косово“. Тој тогаш порача дека пресудата е првостепена и дека „борбата за правда продолжува“.

Прашан денеска за таквиот настап, Гаши рече дека и покрај функцијата претседател на Собранието има право на сопствен став за одредени настани и прашања.

„Имам право на своја приватност и став како граѓанин и како политичар“, е суштината на неговото образложение, при што посочи дека чувствувал должност да се произнесе за пресудата.

На 16 септември, судечкиот совет на Специјализираните совети ги прогласи четворицата поранешни лидери на ОВК за виновни за воени злосторства – незаконско или произволно лишување од слобода, сурово постапување, тортура и убиства. Судот не ги прогласи за виновни за злосторства против човештвото.

Тачи и Красниќи добија по 25 години затвор, Весели 18, а Селими 13 години, со засметување на времето поминато во притвор. Станува збор за првостепена пресуда.

Реакцијата на Гаши претходно беше критикувана од СДСМ, од каде оценија дека таквите пораки се несоодветни за претседател на Собранието и повикаа да се почитува одлуката на судот. Од партијата нагласија дека пресудата се однесува на индивидуална кривична одговорност, а не на албанскиот народ или на правото на Косово на слобода.

На денешниот брифинг Гаши зборуваше и за блокираните закони што бараат Бадентерово мнозинство, измените на Изборниот законик, минималната плата и барањето за формирање анкетна комисија за трагедијата во Кочани. Тој најави дека законските решенија поврзани со минималната плата би можеле да се најдат пред пратениците на почетокот на октомври.

Рацин.мк ве прашува:

Што ќе ни донесе вештачката интелигенција во следните пет години?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Што ќе ни донесе вештачката интелигенција во следните пет години?