Средношколци од повеќе училишта денеска во Собранието разговараа со пратеници за прашања што директно ги засегаат младите, меѓу кои условите во образованието, средношколскиот стандард, менталното здравје и перспективите за останување во државата.
Средбата се одржа во рамки на Клубот на младински прашања и политики, со учество на ученици вклучени во програмата „Најгласни“, која ја спроведуваат Фондацијата „Конрад Аденауер“ и Здружението Лидери за едукација, активизам и развој – ЛЕАД. Целта на настанот беше младинските ставови, идеи и проблеми директно да бидат слушнати во законодавниот дом.
На средбата се обратиле Даниел Браун од Фондацијата „Конрад Аденауер“ и пратеничката Драгана Бојковска, претседателка на Клубот на младински прашања и политики. Во обраќањата било нагласено дека младите треба активно да учествуваат во креирањето политики и во процесите на донесување одлуки.
Учениците поставувале прашања и разговарале со пратениците за теми поврзани со подобрување на образовните услови, унапредување на средношколскиот стандард, состојбите во студентските домови, менталното здравје кај младите и потребата од подобри можности за младите да останат во земјата.
Во текот на дискусијата било посочено дека решенијата за овие прашања треба да се градат системски, преку соработка меѓу институциите, образовните установи, граѓанскиот сектор и младите. Средбата била замислена како простор за директен дијалог меѓу учениците и носителите на одлуки, со цел младинските политики да се креираат со поголемо учество на оние на кои најмногу се однесуваат.