Стан од 45 квадрати во Кисела Вода продаден за 130.000 евра

Стан од 45 квадратни метри во Кисела Вода е продаден за 130.000 евра, што е највисока постигната цена по квадратен метар во првите три месеци од 2026 година. Цената изнесува 2.888 евра за квадратен метар, според податоците од Регистарот на цени и закупнини на Агенцијата за катастар на недвижности за јануари, февруари и март годинава.

Во истиот квартал биле евидентирани 712 новоизградени станови или станови од инвеститор, што е за 29 проценти помалку во споредба со последниот квартал од 2025 година. Намален е и бројот на продадени станови, за 27 проценти, додека вкупната финансиска вредност на продажбите бележи пад од 23 проценти.

Најмногу продадени станови во првиот квартал се регистрирани во Аеродром, каде што биле реализирани 193 продажби. Најмногу продадени куќи, вкупно 54, се евидентирани во Битола.

Вкупната вредност на пазарот на недвижности во првиот квартал од 2026 година изнесува 276,3 милиони евра. Во периодот од 1 јануари до 31 март биле регистрирани 7.757 трансакции, што претставува пад од 16,4 проценти во споредба со претходниот квартал.

Податоците доаѓаат во период кога цените на становите во Скопје покажуваат забавување на квартално ниво, но и натаму висок годишен раст. Индексот на цени на станови на Народната банка за првиот квартал од 2026 година покажува минимален квартален раст од околу 0,1 процент и годишен раст од 16,7 проценти. Индексот се однесува само на Скопје и се пресметува врз основа на огласени, а не реализирани цени.

Најчитано

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најчитано