Стојчевски: Млади активисти на СДСМ биле нападнати во Ново Село, бараме итна истрага

Претседателот на СДММ, Трајче Стојчевски, обвини дека млади активисти на СДСМ биле физички нападнати во Ново Село додека држеле транспарент со порака за состојбата со водата во Гостивар.

Според Стојчевски, меѓу лицата поврзани со инцидентот имало членови и функционери на ВМРО-ДПМНЕ, а тој директно ја обвини власта дека се обидува со притисок и насилство да ги замолчи младите кои јавно ја критикуваат.

„Младите стоеја мирно и ја кажуваа вистината. Наместо одговори, добија физички напад“, изјави Стојчевски на прес-конференција.

Од СДММ побараа Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство веднаш да ги идентификуваат сите учесници во инцидентот и да утврдат дали нападот бил организиран и кој стоел зад него.

„Младите не се плашат и нема да молчат“, порача Стојчевски, додавајќи дека активистите ќе продолжат јавно да зборуваат за водата во Гостивар, економијата, иселувањето и намалувањето на бројот на ученици.

До моментот на објавување не најдовме јавно објавена официјална информација од МВР или Обвинителството со која би биле потврдени околностите и учесниците во инцидентот.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали ѝ верувате на водата од вашиот водовод?