Претставникот на Светска здравствена организација (СЗО) за окупираните палестински територии, Ричард Пиперкорн денеска изјави дека поради уништувањето предизвикано од израелските напади СЗО сака да постави теренски болници во Појасот Газа.
– Пред почетокот на војната во Појасот Газа имаше околу 3.500 болнички кревети. Денес има само 1.400 достапни болнички кревети. Дополнително, од 50 до 60 сериозно болни пациенти дневно треба од Појасот Газа што е можно побрзо да се транспортираат во Египет за да добијат соодветна грижа, истакна Пиперкорн.
Тој додаде дека во Појасот Газа функционираат околу 60 проценти од лекарските ординации.
Но, тој не одговори дали Израел ќе се согласи за поставување на теренски болници.