Талески до Тошковски: Две години никој не одговара, поднесете оставка

Пратеникот на СДСМ, Миле Талески, побара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, обвинувајќи го дека во изминатите две години не била утврдена одговорност за сериозните безбедносни пропусти и скандали.

Талески се обрати на собраниската седница на која се расправа за интерпелацијата на Тошковски, поднесена од пратениците на Левица.

Тој потсети на претходната изјава на министерот дека секој што го прекршил законот ќе одговара, без разлика за кого станува збор.

„Од ‘брат да ми е, ќе одговара’, стигнавме до тоа две години никој да не одговара“, порача Талески.

Пратеникот на СДСМ го обвини Тошковски дека не понел политичка и морална одговорност по безбедносните инциденти, трагедиите и скандалите што се случиле за време на неговиот мандат.

Како еден од примерите го посочи случајот со петте тони дрога што, според информациите изнесени во јавноста, поминале преку македонската граница.

Талески рече дека и по шест месеци нема оставки, разрешувања или утврдена одговорност во институциите.

Според него, интерпелацијата не се однесува само на работата на еден министер, туку и на состојбата во целиот безбедносен систем.

Тој го обвини раководството на МВР за партизација на полицијата, заштита на партиски кадри и создавање систем на неказнивост.

„Да имаше морал, Тошковски немаше денес да чека интерпелација, туку самиот ќе поднесеше оставка“, рече Талески.

Интерпелацијата ја поднесе Левица, која го обвинува министерот за селективно постапување, саботирање истраги, непрофесионална работа на полицијата и можни судири на интереси.

Тошковски претходно ги отфрли обвинувањата и оцени дека интерпелацијата е политички обид да се попречи работата на Министерството.

Најчитано