Двајца навивачи се уапсени по судирите меѓу фановите на Кристал Палас и Рајо Ваљекано во Лајпциг, во пресрет на денешното финале од фудбалската Лига на конференции.
Откако на интернет се појавија видеа од судирите меѓу двете навивачки групи во овој германски град во вторник, локалната полиција потврди дека биле извршени две апсења и дека на сите лица вмешани во немирите им било наредено да го напуштат подрачјето.
Двајца полицајци, како што се наведува, се здобиле со полесни повреди за време на тие инциденти.
Полицијата соопшти дека биле фрлани шишиња, пивски чаши и мебел кога група од околу 300 навивачи на шпанскиот клуб налетала на навивачи на Палас кои седеле пред еден ресторан.
Исто така се додава дека полицијата интервенирала и во друг инцидент кога околу 60 навивачи на Кристал Палас „провоцирале“ приврзаници на Рајо Ваљекано.
