Трагедија на Јадранот: нуркачи ја пронајдоа четвртата жртва во потонатата едрилица

Нуркачи ја пронајдоа четвртата жртва од тешката поморска несреќа што се случи во водите меѓу хрватските острови Шолта и Брач, откако катамаран се судри со едрилица на која имало осум лица.

Потонатата едрилица била лоцирана на длабочина поголема од 50 метри, а телото на четвртата жртва било пронајдено во нејзината внатрешност. Претходно беа пронајдени телата на уште тројца загинати, со што билансот на трагедијата се искачи на четири жртви.

Според хрватските надлежни служби, следува сложена операција за извлекување на телото, а Државното обвинителство треба да издаде налог и за вадење на едрилицата од морското дно.

Несреќата се случила под сè уште неразјаснети околности, кога катамаран се судрил со едрилица долга околу 14 метри. На едрилицата имало осум лица. Четворица преживеани биле пренесени во Клиничкиот болнички центар во Сплит и се надвор од животна опасност.

Хрватското Министерство за море, транспорт и инфраструктура соопшти дека сите настрадани се чешки државјани.

Од Лучката капетанија информираат дека едрилицата имала уредна документација и дека во моментот на судирот пловела со моторен погон. Надлежните засега не изнесуваат заклучоци за причините за несреќата, бидејќи истрагата е во почетна фаза.

Увидот на местото на несреќата го води заменичка на жупаниското државно обвинителство, со помош на вештаци и полицијата. Безбедносна истрага отвора и Агенцијата за истражување несреќи во воздушниот, поморскиот и железничкиот сообраќај.

За случајот се известени и надлежните органи на Франција и Чешка. Хрватските истражни органи треба да утврдат дали до судирот дошло поради човечка грешка, технички дефект, непочитување на правилата за пловидба или сплет на повеќе околности.

Најчитано