Епидемиолози во ОУ „Дуња“ по симптоми кај ученици и наставници, се проверува можен вирус или труење

Тим на епидемиолози од Центарот за јавно здравје Скопје е испратен во основното училиште „Невена Георгиева – Дуња“ во општина Кисела Вода, откако околу 15 ученици и двајца наставници во текот на изминатите четири дена пријавиле симптоми како гадење, повраќање и дијареа.

Директорот на ЦЈЗ, Муамед Демири, потврдил дека се земаат мостри и брисеви со цел да се утврди дали станува збор за труење или за стомачен вирус. Во меѓувреме, на Детската клиника засега нема нови приеми, а учениците кои биле прегледани со полесни симптоми се пуштени на домашно лекување.

Од Општина Кисела Вода информираат дека дел од учениците кои имале симптоми веќе се вратени на настава, а денеска не е забележан зголемен број на отсутни во однос на вообичаеното. Општината наведува и дека биле спроведени интервјуа со учениците и наставниците како дел од епидемиолошката анкета, при што храната била консумирана на различни места и не е утврдено групирање кое би укажувало на заеднички извор на инфекција.

Дополнително, се наведува дека се направени анализи на водата од страна на Секторот за санитарна контрола при ЈП „Водовод и канализација“, при што е утврдено дека водата е безбедна и не содржи токсични материи.

Министерката за образование изјавила дека иако училиштата се под ингеренции на општините, Министерството презема мерки за превенција и следење на состојбата.

Од Центарот за јавно здравје најавуваат дека во текот на утрешниот ден ќе излезат со дополнителни информации по завршување на анализите.

Најчитано