Вака се дава прва помош при топлотен удар

Слабост, вртоглавица, главоболка, сува уста, мачнина, силно потење и мускулни грчеви се предупредувачки знаци дека организмот веќе тешко се справува со високата температура. Топлотната исцрпеност најчесто се јавува поради прекумерно губење вода и соли преку потењето, особено при долг престој на сонце или физичка активност.

Институтот за јавно здравје препорачува лицето веднаш да се премести во разладена или засенчена просторија, да ја прекине физичката активност и да почне постепено да внесува вода или негазиран минерален пијалак. Вишокот облека треба да се отстрани, а телото да се разладува со влажни облоги, прскање со вода или млак туш.

Кај болни грчеви во нозете, рацете или стомакот потребни се одмор на студено место и течности со електролити. Доколку грчевите не престанат во рок од еден час, треба да се побара лекарска помош.

Топлотната исцрпеност може да премине во топлотен удар, состојба што може да биде смртоносна. Конфузија, неразбирлив говор, губење на свеста, грчеви, многу висока телесна температура и жешка кожа се знаци за итно повикување медицинска помош. Кај топлотен удар кожата може да биде сува, но лицето може и обилно да се поти, па потењето не треба да биде единствениот критериум.

При сомневање за топлотен удар веднаш треба да се повикаат 194 или 112. Додека пристигне помошта, лицето треба да се префрли на студено место, да се отстрани непотребната облека и интензивно да се разладува со студени влажни облоги, прскање со вода и струење воздух. Студени облоги може да се постават на вратот, пазувите и слабините.

На лице кое е во бессознание не треба да му се даваат вода, лекови или храна. Треба да се постави во бочна положба и постојано да се следи неговата состојба до пристигнувањето на медицинската екипа.

Најизложени се повозрасните лица, малите деца, бремените жени, хронично болните, лицата што земаат диуретици и работниците на отворено. ИЈЗ препорачува избегнување директно сонце и физички напор од 11 до 17 часот, редовно внесување вода без да се чека чувството на жед и престој во климатизирани или добро проветрени простории.

Затворено возило може за кратко време да стане опасно жешко, поради што во паркиран автомобил не треба да се оставаат деца, повозрасни лица или животни, ниту за неколку минути.

Најчитано