Владата ќе обезбеди обесштетување за граѓаните кои претрпеа материјална штета од силното невреме, најави премиерот Христијан Мицкоски.
Граѓаните треба да ја пријават штетата пред комисиите што ги формираат општините и институциите под нивна надлежност. Комисиите ќе излезат на терен, ќе ја утврдат состојбата и ќе изработат процена на оштетувањата.
Процените потоа ќе бидат доставени до надлежниот комитет, а оттаму и до Владата. Мицкоски рече дека обесштетувањето ќе се спроведе во согласност со законот и досегашната практика, по добивањето на целосна спецификација на пријавените штети.
„Апелирам до граѓаните кои имаат штета да ја пријават, да излезе комисија да ја констатира и да добиеме како Влада спецификација за да можеме да ги обесштетиме“, изјави Мицкоски.
По невремето од 21 јули, во Скопје беа евидентирани најмалку 117 оштетени возила, 35 оштетени покриви, 189 паднати дрвја, седум оштетени семафори и пет пожари. Медицинска помош побараа 33 лица.
Скопските општини најавија формирање посебни комисии пред кои граѓаните ќе можат да ги пријавуваат оштетувањата. Стручната процена првенствено ќе се однесува на оштетените објекти за домување, а инспекциските служби ќе ги проверуваат и причините за оштетувањето на покривните конструкции.
Засега не се објавени рокот за поднесување пријави, потребната документација, критериумите за пресметување на обесштетувањето и процентот од проценетата штета што ќе го покрие Владата.
