Албанскиот премиер Еди Рама, на новинарско прашање околу барањето на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган за „чистење на остатоците од ФЕТО во Албанија“, одговорил дека во „Албанија се затворени и ќе бидат затворени институции кои не се во согласност со законите на државата“.
-Врз основа на законите и правилата на Република Албанија, институциите што можете да ги наречете вака или така се затворени. Значи затворени се сите институции кои не беа во согласност со законот на Албанија а ќе бидат затворени и оние кои не се во согласност со никого, без разлика кој е во нивна одбрана или им даваат одредени етикети, рекол Рама.
Претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган на заедничката прес-конференција со Рама, кој деновиве беше во посета на Анкара, побарал конечно решение на проблемот со т.н.ФЕТО, финансирана од свештеникот Фетула Ѓулен. Според турската влада, приврзаниците на Ѓулен учествувале во обидот за пуч во 2016 година.
-Нема да ѝ дадеме шанса на таа злобна мрежа која се обидува да ги затруе нашите односи, ќе продолжиме со нашата борба против нив. Од вас барам да го исчисти остатокот на оваа организација во Албанија, изјавил Ердоган.
И шефот на трската дипломатијат, Хакан Фидан, кој на 29 јануари престојуваше во Тирана побара протерување на последните членови на ФЕТО кои сè уште се во Албанија.
-Меѓу другото, со мојот колега разговаравме и за борбата против тероризмот и за чекорите што мора да се преземат за чистење на последните остатоци од ФЕТО во Албанија. При тоа ја покажавме чувствителноста на Турција за ова прашање и конкретните чекори што може да се преземат за ова, изјави министерот Фидан.