Новата учебна година ќе започне со уште една значително помала генерација првачиња. Првичните податоци покажуваат околу 4.900 помалку запишани деца во прво одделение во споредба со минатата година, а и по завршувањето на уписите Министерството за образование очекува падот да остане најмалку 3.000 ученици.
Бројката сè уште не е конечна бидејќи дел од децата допрва ќе бидат запишани, но министерката за образование Весна Јаневска предупредува дека разликата е преголема за да се надомести до почетокот на учебната година.
„Се надевам дека малку ќе опадне таа бројка, која е страшно голема во однос на демографијата. Околу 4.900 првачиња помалку оваа година отколку лани. Колку и да се запишат, ќе бидеме со најмалку 3.000 првачиња помалку“, рече Јаневска.
Според неа, сличен тренд се очекува и следната година.
Падот не е изолиран само на една генерација. Податоците што МОН ги објави во мај покажуваат дека за нешто повеќе од две децении вкупниот број ученици во основното образование е намален за 28 проценти. Само минатата учебна година во 147 подрачни училишта не било запишано ниту едно дете.
Истовремено, бројот на наставници во истиот период пораснал за 46 проценти. Односот паднал од 18 ученици на еден наставник на 11,4 ученици, додека просекот во земјите на ОЕЦД е околу 15. Според МОН, околу 90 проценти од парите за основното образование, а во одредени општини и речиси целиот буџет, се трошат за плати.
Трендот беше видлив и претходно. На почетокот на учебната 2024/2025 година Јаневска соопшти дека Македонија за седум години изгубила околу 17.000 основци и средношколци, додека бројот на првачиња во истиот период се намалил за приближно 3.500.
Најновите бројки укажуваат дека демографскиот пад сега уште посилно се пренесува врз училишната мрежа. Додека дел од училиштата во Скопје и натаму имаат проблем со голем број ученици и работа во смени, во повеќе општини во внатрешноста има сè помали паралелки и училишта без новозапишани деца.
Јаневска најави продолжување на процесот на едносменска настава, кој досега е воведен во повеќе од 200 училишта. Според неа, најтешко се спроведува во скопските општини поради концентрацијата на населението, додека во дел од останатите градови процесот оди побрзо.
Конечниот број на првачиња за учебната 2026/2027 година ќе биде познат по завршувањето на уписите.
