Водовод и канализација сега тврди дека во Скопје денеска ќе има вода, неовластени лица ширеле дезинформации

За жал, на социјалните мрежи од страна на неовластени лица беа објавени и ширени неточни и непроверени информации, при што против овие лица јавното претпријатие Водовод и канализација ќе превземе соодветни чекори за утврдување на одговорност поради обид да создадат несигурност кај граѓаните на градот Скопје, велат од претпријатието, за агенцијата МЕТА

Откако во текот на вчерашниот ден, на профилот на Фејсбук на „Водовод и канализациј“ беше соопштено дека речиси цело Скопје ќе остане без вода поради интервенција на главната водоводна цевка во Рашче, од претпријатието ја демантираа информацијата, со тврдење дека „неовластени лица објавувале и ширеле неточни и непроверени информации“.

„За жал, на социјалните мрежи од страна на неовластени лица беа објавени и ширени неточни и непроверени информации, при што против овие лица јавното претпријатие Водовод и канализација ќе превземе соодветни чекори за утврдување на одговорност поради обид да создадат несигурност кај граѓаните на градот Скопје. Утре сите населени места во Градот Скопје ќе бидат целосно и редовно снабдени со вода за пиење“, се вели во најновото соопштение на ЈП Водовод и канализација.

Претходно, на официјалната Фејсбук страница на ЈП Водовод и канализација беше објавено дека речиси сите скопски населби денеска од 17 часот ќе се соочат со намален притисок или прекин на водоснабдувањето и дека причина за прекинот на водоснабдувањето е интервенција на главната водоводна цевка Ф1600 мм во Рашче.

Од ЈП Водовод и канализација соопштија дека засегнати ќе бидат следниве населени места: Арнакија, Сарај, Глумово, Горна Матка, Долна Матка, Ѓорче Петров, Влае, Карпош, Жданец, Нерези, Центар, Клинички Центар, Кисела Вода, Усје, Пинтија, Драчево, Батинци, Студеничани, Моране, дел од Гази Баба, Чаир, Скопје Север, Топаанско Поле, Автокоманда и Аеродром.

Мета.мк се обрати со официјални прашања до претпријатието, во однос на тоа точно какви активности се планирани за 11.02.2024 година на главната водоводна цевка во Рашче.

Прецизен одговор за ова прашање не добивме, но од ЈП „Водовод и канализација“ ни одговорија кои општини воопшто ќе немаат вода, кои општини ќе имаат намален доток, а кои воопшто ќе немаат доток на вода. По добивањето на одговорите, телефонски ни беше соопштено да почекаме со објавувањето на одговорот, бидејќи ќе следуваат нови информации.

Неколку часа подоцна, пристигна и официјалното соопштение, дека сите населени места во Градот Скопје ќе бидат целосно и редовно снабдени со вода за пиење. Причината за сето ова недоразбирање останува непозната, иако кај граѓаните настана паника, па голем број граѓани купуваа вода за пиење и полнеа легени со вода за да имаат во текот на денот.

Преземено од МЕТА.мк

Треба да знаете
Moже да ве интересира