Околу 66.000 вработени во институциите на Европската унија од април ќе добијат поголеми плати, што е веќе седмо зголемување од почетокот на 2022 година.
Ова зголемување се однесува на додатокот за 2024 година. Иако првично било планирано платите да пораснат за 8,5 проценти минатата година, Европската комисија оценила дека тоа е премногу. Таа ја искористи т.н. „клаузула за умереност“ и исплати само 7,3 проценти зголемување, додека преостанатите 1,2 проценти ќе бидат додадени во април оваа година, пренесува Билд.
Еве колку ќе пораснат платите:
-Најниската основна плата (без неопорезиви додатоци) ќе порасне од 3.361 еврa на 3.645 еврa.
-Највисоката основна плата ќе порасне од 23.262 еврa на 25.229 еврa.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, од почетокот на 2024 година добила зголемување од 2.700 еврa, па сега месечно прима околу 34.800 еврa.
Европските комесари сега ќе заработуваат околу 28.400 еврa, што е 2.200 еврa повеќе од претходно.
Платите на вработените во институциите на ЕУ се пресметуваат според специјална формула која ги зема предвид инфлацијата во Брисел и Луксембург, како и движењето на платите во земјите членки.
Обично платите во ЕУ се зголемуваат еднаш годишно, ретроактивно од 1 јули. Сепак, поради висока инфлација во последните неколку години, е воведена посебна одредба која дозволува дополнителни зголемувања од 1 јануари.
Оваа година постои можност за дури три зголемувања! Првото ќе биде исплатено од април како додаток за 2024 година, потоа може да следи ново зголемување ретроактивно од јануари, а потоа и редовно зголемување од 1 јули – доколку инфлацијата остане висока.
(Telegraf Biznis)
