Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

За пет години ќе бидат достапни повеќе вакцини против различни типови рак

Следниот голем напредок во лекувањето на ракот би можел да биде вакцината, објави денес Асошиетед прес.

По децении ограничен успех, научниците велат дека истражувањето достигнало пресвртница, при што многумина предвидуваат дека повеќе видови вакцини ќе бидат применливи веќе за пет години.

Ова не се традиционални вакцини кои ќе ја превенираат болеста, туку инјекции за намалување на туморите и спречување на враќањето на ракот. Овие експериментални третмани ќе ги таргетираат ракот на дојка и на бели дробови, а годинава одлични резултати во испитувањето на вакцината се постигнати и кај  смртоносниот рак на кожата меланом и рак на панкреасот.

„Веќе имаме резултати, сега сакаме само да ги подобриме. Сега треба да го подобриме ефектот од вакцините“, рече д-р Џејмс Гули, помошник директор на Националниот институт за рак кој развива имунолошки терапии, вклучително и вакцини за лекување на рак.

Повеќе од кога било, научниците дознаа како ракот се крие од имунолошкиот систем на телото. Вакцините против рак, како и другите имунотерапии, го зајакнуваат имунолошкиот систем за да ги пронајде и убива клетките на ракот. Некои од активните состојки на вакцините кои беа развиени за борба против рак веќе беа имплементирани во вакцините против COVID-19.

За да функционира вакцината, таа треба да ги научи клетките на имунолошкиот систем да го препознаваат ракот како опасен, рече д-р Нора Дисис од Институтот за вакцини за рак на Медицинскиот факултет во Сиетл. Откако ќе се обучат, клетките можат да патуваат насекаде во телото за да ја ловат опасноста, објаснува таа.

Волонтерите – пациенти се клучни за истражувањето.

Кетлин Џејд (50) дозна дека има рак на дојка кон крајот на февруари, само неколку недели пред таа и нејзиниот сопруг да заминат од Сиетл за авантура низ светот. Наместо да плови со нивниот брод „Шедоуфакс“ долг 46 метри низ Големите езера кон морскиот брег Сент Лоренс, таа седеше на болнички кревет и ја чекаше својата трета доза на експериментална вакцина. Таа ја прима вакцината за да види дали ќе и го намали туморот пред операцијата.

„Дури и ако таа шанса е мала, чувствував дека вреди“, рече Џејд, кој исто така добива и стандарден третман.

Напредокот на вакцините како третман не беше лесен. Првиот таков третман, Provenge, беше одобрен во САД во 2010 година за лекување на проширен рак на простата. Тој се состои во обработка на имунолошки клетки на пациентот во лабораторија и нивно враќање преку интравенозна процедура. Исто така, постојат вакцини за третман за ран рак на мочниот меур и напреднат меланом.

Има и повеќе други вакцини кои го спречуваат ракот. Децениските вакцини против хепатитис Б го спречуваат ракот на црниот дроб, а вакцините за ХПВ, воведени во 2006 година, го спречуваат ракот на грлото на матката.

Во Филаделфија се регрутирани 28 здрави луѓе со таканаречени BRCA мутации за тестирање на вакцината. Тие мутации го зголемуваат ризикот од рак на дојка и јајници. Идејата е да се убијат многу рани абнормални клетки, пред тие да предизвикаат проблеми. Докторите тоа го споредуваат со периодично плевење на градина или бришење на таблата.

Се развиваат и вакцини за спречување на рак кај луѓе со предканцерозни јазли на белите дробови и други наследни состојби кои го зголемуваат ризикот од рак.

Производителите на лекови Модерна и Мерк заеднички развиваат персонализирана вакцина за пациенти со меланом, а големата студија ќе започне оваа година. Вакцините се прилагодени за секој пациент, врз основа на бројните мутации во нивното канцерогено ткиво. Персонализираната вакцина на овој начин може да го обучи имунолошкиот систем да ги лови трагите од мутацијата на ракот и да ги убие тие клетки.

Но, таквите вакцини ќе бидат скапи.

„Во основа треба да ја направите секоја вакцина од нула. Ако ова не беше персонализирано, вакцината веројатно би можела да се направи за џабе пари, исто како и вакцината против Ковид“, велат научниците.

Некои од вакцините во развој се дизајнирани да функционираат кај многу пациенти, а не само за еден пациент. Во тек се тестови за ран и напреднат карцином на дојка, рак на белите дробови и рак на јајниците. Некои резултати може да дојдат веќе следната година.

Една од првите што ја прими вакцината против рак на јајниците во експерименталната фаза пред 11 години беше Џејми Крејс. Дијагностицирана со напреднат рак на јајниците кога имала 34 години, Крејс мислела дека ќе умре млада и направила дури и тестамент. Сега има 50 години, нема знаци на рак и живеее среќен живот.

Таа не знае со сигурност дали вакцината помогна, „Но, јас сум сè уште тука“, вели таа.

извор: Асошиетед прес

подготви: С.К. (НоваТВ)

Треба да знаете
Moже да ве интересира