Претседателката на ЛДП и пратеничка во Собранието Моника Зајкова, која на последните парламентарни избори беше дел од предизборната коалиција „За европска иднина“ предводена од СДСМ, во гостувањето на „Канал 5“ телевизија ги изедначи ставовите на нејзината партија во врска со уставните измени, со оние на ВМРО-ДПМНЕ, пишува Вистиномер.
Текстот го пренесуваме во целост:
Претседателката на Либерално-демократската партија (ЛДП) и пратеничка во македонското Собрание, Моника Зајкова, во врска со уставните измени што треба да ги спроведе С. Македонија за почеток на преговорите за влез во ЕУ смета дека да ги спроведеме со преодна одредба за нивно одложено дејство. Во нејзиниот став можат да се препознаат елементи на недоследност и спин:
Спин: Постојано говорев дека треба да најдеме начин како да ги спроведеме заклучоците, коишто ги усвоил советот во врска со проширувањето на Македонија и Албанија, оттука да ние треба да ги спроведеме уставните измени, но во уставниот закон којшто треба да е последна или трета фаза имаме можност да го вградиме тоа одложено дејство. Може да се стави на крајот преодна одредба кога истите би стапиле во сила. Ние предлагаме уставните измени да стапат во сила откако сите земји членки вклучително и Бугарија како земја членка би го ратификувале пристапниот договор за членство на Македонија во ЕУ.
[Извор: Моника Зајкова во емисијата „Само Вистинa“ на ТВ „Канал 5“; датум:29.10.2024]
Контраспин: Претседателката на ЛДП и пратеничка во Собранието Моника Зајкова, која на последните парламентарни избори беше дел од предизборната коалиција „За европска иднина“ предводена од СДСМ, во гостувањето во емисијата на „Канал 5“ ги изедначи ставовите на нејзината партија во врска со уставните измени со оние на ВМРО-ДПМНЕ.
Зајкова во емисијата искажа став дека дека треба да ги спроведеме уставните измени со преодна одредба за одложено дејство, што е идентичен на ставот на другиот гостин во ТВ дуелот, пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Тони Јаревски, кој гласи дека уставните измени со одложено дејство се оправдан чекор на патот кон ЕУ.
Зајкова во „Само вистина“ ги објаснува позициите на ЛДП:
Во последните заклучоци [на Европскиот совет, н.з.] ништо не нè спречува ние да ги спроведеме уставните измени, односно да ја почнеме постапката за донесување на уставните измени, за да стигнеме до таа последна фаза за уставниот закон, каде што самите предвидуваме кога истите би стапиле на сила. Точка 4 се однесува на тоа дека Македонија треба да ги спроведе уставните измени, точка 6 е дека ќе се одржи втората меѓувладина конференција без политичка одлука откако ќе го завршиме процесот на уставни измени согласно домашната процедура. Тоа остава можност за пошироко толкување, коешто нè води до она одложено дејство за коешто зборуваме и дека тука, ако тоа ни се позициите, треба да изградиме сите заедно една државна позиција дека да, еве ние сме ја завршиле нашата обврска, меѓутоа истите ќе стапат на сила откако сите земји членки, вклучително и Бугарија, ќе гласаат „за“, посочи Зајкова.
Таа додаде и дека во измените никаде не пишува „to enter in force immediately“, што значи дека нема обврски тие веднаш да стапат во сила…
Веднаш по искажаниот став на Зајкова околу уставните измени се обновија шпекулациите дека ЛДП ја напушта коалицијата со СДСМ, што беше демантирано од Зајкова во изјава за МКД.мк, но со квалификацијата дека „засега нема ништо ново и таа како пратеник останува да делува независно во Собранието, бидејќи либерално-демократската партија е независен политички субјект, а до локалните избори има уште многу време“.
Прашањето за внесување на Бугарите во Уставот беше предмет на најбројни и најчести дебати минатата 2023 година, околу кои „Вистиномер“ забележа манипулации и извртување на вистината, меѓу другото и во случајот со Протоколот од вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија со Бугарија минатата година.
Како дел од коалицијата предводена од СДСМ, која минатата година апелираше „сите пратеници да гласаат за уставни измени, бидејќи без нив нема членство во ЕУ“, Зајкова го делеше истиот став.
И додека ние се расправаме за уставните измени, секој ден по еден млад човек си оди од државата, изјави Зајкова во емисијата „24 Анализа“ на ТВ „24 Вести“ на 2.02.2023 година.
Во истата емисија Зајкова тврдеше дека никоја уставна измена не може да ѝ го одземе нејзиниот идентитет на Македонка, а од друга страна стопирањето на евроинтеграциите ќе значи забавен развој на државата…
Ова доближување на позициите на ЛДП предводена од Зајкова и ВМРО-ДПМНЕ на Христијан Мицкоски веќе беше нотирано изминативе денови, што е своевиден иреверзибилен процес од минатата година, кога Зајкова и ЛДП беа подготвени да го прифатат влегувањето на ВМРО-ДПМНЕ во владејачката коалиција доколку опозицијата ги поддржи уставните измени.
Но, и тогаш и сега ВМРО-ДПМНЕ го (ре)афирмираше ставот>
Eвентуалните уставни измени да важат од денот кога ќе отпочне ратификацијата на пристапниот протокол на Македонија во рамките на ЕУ од парламентите на 27-те земји членки.
И ставот на ЛДП се поклопува со тој на ВМРО-ДПМНЕ, па сега ЛДП предлага измените да стапат во сила откако сите земји членки, вклучително и Република Бугарија како земја членка, би го ратификувале пристапниот договор за членство на С. Македонија во Европската Унија.
Пораките на ЕУ и нејзините највисоки политички претставници, како при посетата на претседателката на Европската комисија Урсула Фон дер Лајен минатата недела, се неколку пати повторени и јасни – уставните измени се ултимативни за С. Македонија на нејзиниот евроинтегративен пат.
Актуелните ставови на Моника Зајкова претставуваат политичка недоследност и спин на нејзината партија, со кои се оправдува застојот С. Македонија во евроинтегративниот процес.
Пишува: Стојан Синадинов