Зеленски ја одложи посетата на Србија, во Белград оди украинскиот вицепремиер

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја одложи најавуваната посета на Србија, откако претходно во регионалните медиуми се појавија информации дека тој би можел да ја предводи украинската делегација во Белград.

Од Кабинетот на претседателот на Украина потврдија дека патувањето ќе се реализира на подоцнежен датум. Дмитро Литвин, советник за комуникации на Зеленски, изјави дека било оценето оти други датуми се посоодветни, додека Тарас Качка засега ќе отпатува во Србија за да подготви терен за одредени прашања.

Качка е потпретседател на украинската влада задолжен за европска и евроатлантска интеграција. Според најавите, тој ќе ја предводи украинската делегација во Белград, наместо Зеленски.

Претходно, српската телевизија Н1, повикувајќи се на дипломатски извори во Белград, објави дека се очекува украинска делегација да ја посети Србија и дека постои можност на нејзино чело да биде Зеленски. Подоцна украинските медиуми објавија дека делегацијата ќе ја предводи Качка.

Зеленски и српскиот претседател Александар Вучиќ разговарале телефонски на 20 мај. По разговорот, било потврдено дека Качка ќе ја предводи украинската делегација, а Вучиќ разговорот го оцени како „отворен и конструктивен“.

Односите меѓу Киев и Белград остануваат чувствителни поради позицијата на Србија кон Русија. Белград формално го поддржува територијалниот интегритет на Украина, но не се приклучи кон западните санкции против Москва. Истовремено, Србија продолжува да го балансира односот меѓу европскиот пат, традиционалните врски со Русија и сопствените регионални интереси.

Вучиќ во јуни 2025 година беше во Одеса, каде што учествуваше на самитот Украина – Југоисточна Европа. Тоа беше негова прва посета на Украина од почетокот на руската инвазија. На тој самит Србија не ја потпиша заедничката декларација, со образложение дека документот содржел делови поврзани со санкции и дополнителна поддршка за Киев.

Доколку посетата на Зеленски во Србија се реализира подоцна, таа би имала значајна дипломатска тежина. Тоа би било прво негово патување во Белград од почетокот на целосната руска инвазија врз Украина и би дошло во момент кога Србија се обидува да ја задржи рамнотежата меѓу Киев, Москва и Брисел.

Најчитано