Секретарот за меѓународна соработка на СДСМ, Андреј Жерновски, тврди дека последните изјави на владините претставници покажуваат пресврт во односот кон европскиот пат и францускиот предлог, кој ВМРО-ДПМНЕ додека беше во опозиција го оценуваше како штетен за Македонија.
Во интервју за „Вести плус“ на Канал 5, Жерновски рече дека СДСМ располага со сознанија за разговори околу европската интеграција, а како потврда ги посочи јавните настапи на министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
„Министерот за надворешни работи рече дека се водат разговори ‘под радарот’. Не јас, не СДСМ, туку тој“, рече Жерновски.
Според него, Владата сега се обидува како дипломатски успех да го претстави она што ВМРО-ДПМНЕ претходно го нарекуваше „пораз“ и „предавство“.
„Сега треба да се прикаже како победа она што до вчера беше голем пораз за Македонија“, изјави Жерновски, оценувајќи дека станува збор за промена на политиката со која партијата настапувала додека била во опозиција.
Како примери тој ги наведе последните изјави на Муцунски дека македонскиот идентитет и јазик не се спорни во европскиот процес, како и неговиот став дека билатералниот протокол со Бугарија не е дел од Преговарачката рамка.
Жерновски смета дека овие позиции се различни од пораките што ВМРО-ДПМНЕ ги испраќаше пред доаѓањето на власт и дека со нив се „подготвува терен“ за натамошни чекори во евроинтегративниот процес.
„Ние само кажавме што се случува и дека граѓаните треба да бидат подготвени за тоа што следува“, рече Жерновски.
