Зошто Мајкл Џексон ја носеше култната бела ракавица?

Бела ракавица стана еден од најпрепознатливите симболи на Мајкл Џексон од 1983 година, но зад сценскиот сјај не стоел само моден избор, туку лична борба со витилиго, кожно заболување што предизвикува губење на пигментот и појава на бели дамки на кожата.

Култниот детал со кој Џексон излегуваше на сцена со години се толкуваше како дел од неговиот спектакуларен визуелен идентитет. Но приказната зад ракавицата е многу подлабока. Според објавениот текст, симптомите на витилиго прво се појавиле на неговата рака, што го поттикнало да најде начин да ги прикрие промените на кожата.

Решението станало светкавата бела ракавица, која брзо прерасна во еден од најмоќните визуелни знаци во историјата на поп-музиката. Она што на сцената изгледало како совршено осмислен моден потег, во суштина било обид да се сокрие болест што Џексон долго ја носел под огромен јавен притисок.

За позадината на ракавицата зборувала и актерката Сисели Тајсон, која имала ист моден дизајнер како Џексон. Таа сведочела дека дизајнерот ја правел ракавицата токму во периодот кога кај пејачот почнале да се појавуваат првите знаци на витилиго на раката. Според неа, ракавицата служела како камуфлажа.

Во тоа време медиумите често шпекулираа дека Џексон намерно ја избелува кожата и дека сака да се оддалечи од своето потекло. Тие тврдења го следеа со години, иако самиот пејач во познатото интервју со Опра Винфри објасни дека има кожно заболување што ја уништува пигментацијата и дека тоа е нешто што не може да го контролира.

Приказната за белата ракавица денес повторно се враќа во јавноста поради новите документарни и биографски проекти за животот на Мајкл Џексон. Таа потсетува дека зад еден од најславните сценски симболи на поп-културата стоела не само естетика, туку и стигма, болест и обид на еден уметник да го задржи својот лик под контрола пред свет што постојано го набљудувал.

Најчитано