Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Во Македонија годишно од загаден воздух умираат околу 3.400 луѓе

Веќе неколку дена главниот град се наоѓа високо на листите на најзагадени градови во светот, а ништо подобри не се и другите градови. Неколку студии на УНДП во соработка со Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип покажа дека главни извори на загадување на амбиентниот воздух се домаќинствата и јавните објекти кои што се греат на фосилни горива. Што значи дека во зимскиот период доминантен извор на загадување ни е загревањето на домаќинствата и јавните објекти, вели проф. д-р Мирјана Димовска, специјалист по хигиена и здравствена екологија – Раководител на Одделение за безбедност на вода, санитација на животна средина и здравствена екотоксикологија при Институтот за јавно здравје.

-Меѓутоа, нивната последна студија покажа дека во неколку градови како Скопје, Струмица, Струга Кавадарци, Гостивар, и Куманово, покрај загревањето, причина за загадувањето е и сообраќајот, но и постоењето на ресуспендирани честички. Тоа значи дека честички кои што биле покрупни честички на прашина, заради активностите како интензивен сообраќај и пешачење големите наноси цврста прашина исталожена по улиците се разложува во поситни честички и се распрснуваат низ воздухот, кои потоа ги вдишуваме. Токму затоа е потребно почесто измивање на улиците и нивно чистење, бидејќи главен извор на овие честички е градежништвото, додава таа.

Според Димовска за да настанат последици по здравјето на луѓето од некој загадувач на животната средина битна е неговата концентрација, времетраење на изложеноста на единката на загадувањето, значи дали е тоа акутно, или пак постојано (хронично) и индивидуалните карактеристики на изложеното лице (возраст, коморбидитети, дебелина и сл.) Во ИЈЗ се прават самостојни истражувања во согласност со методологијата на СЗО поврзани со анализа на смртноста и проценка на тоа колкав дел од смртните случаи настанала како последица на аерозагадувањето.


–Во Северна Македонија, проценуваме дека годишно, во просек 3400 луѓе умираат заради аерозагадувањето со суспендирани честички. Ако вкупната просечна бројка на починати годишно во Македонија се движи околу 20.000, тоа значи дека од 17 до 19 проценти се всушност смртни случаи поврзани со загадениот воздух. Иако таа проценета смртност опаѓаше до појавата на ковид пандемијата, сепак ние тогаш имавме екстремно висока прекумерна смртност заради вирусот, тоа значи дека смртноста се зголеми за 30 проценти повеќе токму поради високата стапка на претходна изложеност на загаден воздух, вели Димовска. Впрочем, и најголемиот број студии покажаа дека прекумерната смртност за време на ковид пандемијата беше највисока токму во земји со претходна долготрајна изложеност на загаден воздух (Северот на Италија, делови од Шпанија на пример).

Повикувајќи се на последниот извештај на Уницеф од 2024 година, таа додаде дека во Македонија, проценетата смртност кај доенчињата (деца до 1 година) поради аерозагадувањето, изнесува едно доенче на девет починати деца на таа возраст. И покрај тоа што ова е подобра бројка отколку во некои европски земји опфатени со овој Извештај, сепак секој човечки живот е важен. Во Европа и Централна Азија, едно доенче од вкупно пет починати се припишува на аерозагадувањето. Исто така голем е ризикот и за мајките и за бебињата уште додека се во утробата на мајката, и токму затоа е потребно да ги заштитиме најмногу нив. Оттаму, се препорачува бремените жени да користат прочистувачи на воздух (на работното место или дома), но и да избегнуваат движење надвор кога има премногу големо загадување. Пречистувачите на воздух не се препорачуваат како заштитна мерка за општата популација, туку само за чувствителните групи население, вклучително постарите лица или хронично болните.


-Студиите покажуваат дека аутизмот, АДХД, односно синдромот на дефицит на внимание и хиперактивност се должи на аерозагадувањето, но она што најмногу ме загрижува е тоа што веќе бројни студии покажуваат дека коефициентот на интелигенција драстично опаѓа кај деца кои што биле изложени на аерозагадување за 1 до 5 поени, така што децата изложени на загаден воздух никогаш нема да постигнат максимални перформанси на училиште. Детето кое што уште интраутерино било изложено на загадување, ќе трпи доживотни последици. Особено во првата година ќе има многу почести респираторни инфекции и заболувања, зголемена стапка на алергиски реакции, дали е тоа синузит, ринит, алергии, вклучително и астма, многу порано ќе му се јават кардиоваскуларни заболувања и сл. Кај возрасните пак, во причините за заболувања но и смртност доминираат циркулаторните заболувања односно ги следиме стапките на мозочен удар, инфарктот на миокардот но исто такаи периферни тромбози како главни здравствени исходи на изложеност на загаден воздух. Кај нив, поради загадувањето се зголемува стапката на Паркинсонова болест, Алцхајмер, вклучително и деменциите кои што се во пораст, и кои не се должат само затоа што старееме и подолго живееме туку доминантно е влијанието на животната средина, односно квалитетот на воздухот, кое си го зема данокот и преку зголемена стапка на тие заболувања, вели Димовска.

Во европскиот регион, речиси секој поединец е погоден од загадениот воздух, при што над 90 отсто од граѓаните се изложени на годишни нивоа на ситни, лебдечки честички во амбиентниот воздух кои се над граничните вредности од Упатството на СЗО за квалитетот на воздухот.

-Луѓето во Македонија и воопшто луѓето од Балканот и Источна Европа, дишат потоксичен воздух загаден со суспендирани честички во однос на нивните соседи во Западна Европа. Балканскиот регион е дом на многу единици со јаглен и лигнит како и на 7 од десетте најзагадувачки електрани со јаглен во Европа. Девет од десет луѓе дишат воздух што ги надминува упатствата на СЗО што содржат високо ниво на загадувачи, земјите со низок и среден приход страдаат од најголема изложеност. СЗО тврди дека 56 отсто од градовите во земјите со високи примања не ги исполнуваат упатствата за квалитет на воздухот, додава докторката.

Што прави државата?

-Јас досега не сум сретнала некоја наша институција на локално или централно ниво која овие проценки што ги правиме ќе ги постави во центарот на креирањето на било каква своја политика. На пример, ако се одлучиме да градиме нуклеарна централа, какви ќе бидат влијанијата по здравјето на луѓето на таа нуклеарна централа, при тоа да ги искористат пресметките кои што ги продуцираме ние или пак Светската здравствена организација но и други институции, иако декларативно велиме дека го спроведуваме пристапот “здравјето во сите политики” вели Димовска.

Според неа она што е многу важно на централно ниво е да се зголеми и модернизира инспекторатот за Животна средина, да се користат и модерни технологии како дронови или сензори, за да може веднаш да се детектираат и санкционираат загадувачите но и да се превенираат посериозните последици по животната средина и по здравјето на населението.

-Ние како земја имаме добра законска регулатива, но назадуваме во однос на доследна примена на законите, вели Димовска.

Кои се препораките?

-Главната препорака за граѓаните кога е многу загадено е да не се излегува непотребно надвор и да не се практикува интензивна физичка активност дури и за здравите и млади лица, не мора да се вози велосипед или да се пешачи во тој момент кога мерните станици покажуваат загадување на воздухот. Односно, пред да излезат од домот, да го проверат квалитетот на воздухот на некој од порталите за квалитет на амбиентен воздух. Иако граѓаните често ги критикуваат овие препораки, сепак е потребна севкупна иницијатива и од власта (централна и особено локалната), но и лична одговорност за да се заштити здравјето бидејќи тоа е единствената солуција. На индивидуално ниво, чувствителните групи население да користат маски со FFP филтри, прочистувачи на воздух, особено во текот на ноќта во просториите каде спиеме, преку храната да се внесуваат антиоксиданси (витамини пред се). Од останатите мерки се препорачува и да се формираат така наречени pollution free zones односно зони без загадување, особено околу училишта, околу здравствените установи и домови за стари лица или домови за згрижување на оние најранливи социјално загрозени лица и така натаму, порачува Димовска. Вакцинацијата на новороденчињата и доенчињата со пнеумококната вакцина е исто така една од препораките на СЗО и УНИЦЕФ со цел да се спречат честите респираторни заболувања кај најмалите.

Препораките до донесувачите на одлуки се добро познати, сега кога се идентификувани главните извори на загадување во повеќето градови, мерките да се насочат токму кон изворите на емисии на загадувачки материи и да се обезбеди континуитет во спроведувањето но и во финансирањето на тие мерки.

Соња Танеска

Зачлени се на нашиот е-билтен