Третина од тендерите со еден понудувач, Брисел забележува дека нема никаков напредок во јавни набавки

Македонија бележи нула напредок во областа на јавните набавки, а кај дури 33,9 отсто од сите договори во 2025 година се јавил само еден понудувач, предупредува Европската комисија во Годишниот извештај за земјата. Брисел алармира за ризици од фаворизирање и корупција, отсуство на контрола кај јавно-приватните партнерства и непостапување по сомнежите за криминал.

Пазарот на јавни набавки во Македонија во 2025 година порасна на 9,3 отсто од бруто домашниот производ, но конкуренцијата меѓу компаниите останува исклучително ограничена. Податоците на Европската комисија покажуваат дека третина од сите склучени договори завршиле со само една доставена понуда, додека процентот на поништени набавки се искачи на високи 28,7 отсто. Истовремено, користењето на електронските аукции падна на 22 отсто од објавените огласи, што е речиси двојно под прагот од 40 отсто договорен во европската Реформска агенција.

Европските стандарди што налагаат набавките да се доделуваат врз основа на најдобар сооднос меѓу цената и квалитетот во Македонија речиси целосно се игнорираат. Критериумот за економски најповолна понуда бил применет кај само 6 отсто од склучените договори, односно кај едвај 4,8 отсто мерено според нивната парична вредност. Наместо тоа, доминантен останува критериумот на најниска цена.

Иако Бирото за јавни набавки редовно објавува извештаи со таканаречени црвени знамиња за сомнителни и ризични постапки, надлежните институции упорно не преземаат соодветни мерки и не отвораат постапки по овие сознанија. Системот на издавање негативни референци за несовесни фирми сè уште е на сила со 74 издадени референци во 2025 година, но Брисел изразува загриженост за неговата пропорционалност и усогласеност со правилата на Европската Унија.

Државата нема воспоставено функционална контрола ниту врз јавно-приватните партнерства и концесиите. Законите за овие две области со години стојат неусвоени и неусогласени со европското законодавство, додека системите за управување со фискалните ризици се оценети како исклучително слаби. Во текот на целата измината година бил евидентиран само еден нов договор за јавно-приватно партнерство, а единствен регистар за концесии сè уште не постои.

Притисок врз системот создава и големиот број жалби од фирмите. Државната комисија за жалби по јавни набавки во 2025 година примила 1.535 предмети, од кои решила 1.405, но ова тело се соочува со сериозен недостиг на стручен кадар за навремено одлучување. Против одлуките на Комисијата биле поднесени 119 тужби пред Управниот суд.

Како посебен пример за ризици од корупција во јавните набавки, Европската комисија го издвојува секторот образование. Во извештајот се наведува дека постапките за набавка на учебници за основно и средно образование се воделе преку директни преговори наместо отворени тендери, на пазар со силна монополизација. Министерството за образование не ги објавувало законски задолжителните ценовници, а евидентирани се и нагли, неоправдани поскапувања на учебниците, што според Брисел создава висок ризик од неодговорно трошење и злоупотреби на народните пари.

Рацин.мк ве прашува:

Дали гувернерот Славески треба да понесе одговорност за случајот Алта банка?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали гувернерот Славески треба да понесе одговорност за случајот Алта банка?