Порталот 4News објави видео од безбедносна камера која, според нив, го прикажува моментот на експлозијата на експлозивна направа во дворот на домот на Раде Трајковски-Штекли.
На снимката се гледа лице кое се движи низ дворот со куче. Во моментот кога излегува од портата, на видеото се забележува чад. Времето на камерата е означено како 9:16 часот, а датумот е 14 ноември 2024 година.
Експлозијата се случила пред неколку дена во скопската населба Ќерамидница, при што повреден бил Раде Трајковски-Штекли.
Штекли е контроверзна фигура која во 2021 година беше уапсена во Белград поради поврзување со убиство во Македонија, а за него имаше распишано и меѓународна потерница. Лани, во април, кон него беа регистрирани два неуспешни обида за атентат во трговскиот центар Ист гејт мол.
Оваа експлозија, според првичните сомнежи, можеби е нов обид за ликвидација. Сепак, истрагата е во тек, а официјалните информации засега се ограничени.