Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Литературен портрет на Васил Маневски ,,60 години творештво, 80 години живот”

Во организација на Здружението на роднокрајни автори „Пијанечки Глас“ со поддршка на Центарот за култура „Никола Јонков – Вапцаров“, во Делчево вечерва се одржа литературна вечер посветена на пензионираниот новинар и поет Васил Маневски насловена „60 години творештво, 80 години живот“. 

Како што изјави Маневски за МИА, целиот работен век го посветил на новинарството што му овозможило да запознае голем број пријатели не само во земјава туку и пошироко. 

– Во новинарството поминав повеќе од половина век, додека 12 години во просвета. Откако се пензионирав се вратив на пишувањето, издадов неколку книги поезија, автор сум на публицистичка книга „Плачеше цела Малешевија“ заедно со колешката Љубинка Клинчарска. Активно работам на монографија за село Тработивиште, која се надевам следната година ќе ја издадеме, истакна Маневски, додавајќи дека е горд на неговите следбеници во новинарството, на кои се обидел да им ги пренесе искуствата и вештините во борбата за вистината.

Меѓу најомилените дела, иако тешко му е да издвои, ги напомена „Последниот гемиџија“ и „Светите Води во Пијанец“, како и големиот број текстови со кои роднокрајните пејачи учествувале на музичкиот фестивал Гоце Фест.

За Христина Деолска, претседател на здружението „Пијанечки Глас“, чест и задоволство е завршниот настан кој секоја година се организира на крај на годината, да му биде посветен на Маневски.

Перса Стојановска поранешна претседателка на здружението е една од ретките кои имале долгогодишна соработка со авторот. – Драго ми е што Васил Маневски ја доживеа 80-тата, уште повеќе ми е мило што се навршија 60 години творешво. Го познавам како творец во повеќе области, како истражувач, поет, историчар, прозаист, но и раководител на повеќе проекти од културата, додаде Стојановска.

Програмскиот директор на Центарот за култура, Методи Толевски посочи дека ова е последен настан за годинава порачувајќи им на останатите роднокрајни автори дека вратите на установата се отворени за сите.

Маневски е роден во село Тработивиште, делчевско, има завршено Педагошка академија во Штип, Филолошки факултет во Скопје и Факултет по новинарство во Белград.

Зачлени се на нашиот е-билтен