Шумски пожар зафати дел од луксузната област Пацифик Палисадес во близина на Лос Анџелес, уништувајќи домови и создавајќи хаос во сообраќајот. Според властите, пожарот досега зафати околу 510 хектари меѓу Санта Моника и Малибу, а 30.000 жители се евакуирани.
Националната метеоролошка служба предупреди на екстремна опасност од пожар, предизвикана од силни ветрови, ниска влажност и долготрајна суша. Предупредувањето беше издадено за поголемиот дел од округот Лос Анџелес, од вторник до четврток. Американските медиуми известуваат за бројни домови што се во пламен.
Гувернерот Гевин Њусом истакна дека државата започнала со преместување на ресурси за гаснење пожари од северна кон јужна Калифорнија уште во саботата, поради предупредувањата за силни ветрови. Противпожарни екипи, возила и авиони остануваат позиционирани во Јужна Калифорнија, подготвени да се справат со потенцијални пожари во поширокиот регион.
Силните ветрови и сувата вегетација ги влошуваат условите, што дополнително го отежнува контролирањето на пожарот. Властите апелираат за внимание и следење на официјалните известувања додека противпожарните екипи продолжуваат да се борат со огнената стихија.