Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Филипче: ДУИ е симбол на корупција и поделби, СДСМ јасно се дистанцира

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, категорично ја отфрли можноста за соработка со ДУИ, истакнувајќи ја потребата од политики кои обединуваат, а не разединуваат.

„СДСМ никогаш повеќе нема да дозволи да биде ставен во истата рамка или подреден на која било партија, особено не на ДУИ. Коруптивниот багаж кој го носи оваа партија е нешто од што јасно се дистанцираме. Нивната реторика, заснована на етнички тензии и поделби, е неприфатлива и опасна. Таквите политики немаат место во нашето мултиетничко општество“, изјави Филипче во интервју за „Независен“.

Филипче ја обвини ДУИ за политики кои го кочат напредокот на Македонија, нагласувајќи дека неформалната соработка со ВМРО-ДПМНЕ дополнително ја комплицира политичката состојба.

„Иако ВМРО-ДПМНЕ јавно ги осудува, нивните заеднички гласања во Собранието и неодамнешното бегство на Артан Груби, објаснето со неверојатни изговори од МВР, ја откриваат нивната задкулисна координација. Ова создава политичка нестабилност и ги поткопува меѓуетничките односи“, истакна Филипче.

Тој го осуди влијанието на ДУИ врз случувањата како инцидентите на Денот на албанското знаме, нарекувајќи ги директен резултат на политиките на поделби и провокации.

„Наместо да се фокусираме на економски развој, ЕУ интеграција и подобар живот за граѓаните, постојано се враќаме на теми кои креираат тензии и конфликти. Ова не е патот што Македонија треба да го оди“, додаде тој.

За идната соработка со албанските партии, Филипче подвлече дека таа ќе биде заснована на заеднички вредности и транспарентност.

„СДСМ ќе соработува со партии кои ги делат нашите заложби за реформи, транспарентност и обединувачки политики. Нема да дозволиме етничките прашања да станат маска за корупцијата или неспособноста“, заклучи Филипче.

Зачлени се на нашиот е-билтен