Кривична пријава е поднесена против тројца осомничени за бруталното претепување на бездомното куче Феликс во кругот на фирма во индустриската зона Момин Поток, пренесува „А1он“. Инцидентот од ноември ја вознемири јавноста откако беше објавена снимка на која се гледа како вработен го удира кучето со метална шипка.
Кучето, кое подоцна го доби името Феликс, вчера угина во стационарот на ЈП „Лајка“, месец и половина по инцидентот.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека пријавата е поднесена за „мачење животни“ според член 233 од Кривичниот законик, кој предвидува парична казна или затвор до шест месеци.
„СВР Скопје до Основното јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против Љ.К. (61), Б.Б. (64) и З.Д. (74), сите од Скопје. За дополнителни информации, обратете се до ОЈО Скопје,“ изјавија од МВР.
Според неофицијални информации, нападот се случил откако кучето извршило нужда пред складиштето на фирмата. Случајот предизвика остри реакции од јавноста и активистите за заштита на животните, кои бараат построги казни за вакви дела.
И покрај бројните пријави за слични инциденти, досега во земјава нема пресуда со затворска казна за „мачење животни“.