Познатиот британски актер Џуд Ло потврди дека ќе го игра рускиот претседател Владимир Путин во политичкиот трилер „Волшебникот од Кремљ“. Ло ја откри веста во интервју за „Дедлајн“, објавено во четвртокот.
Филмот, под режија на Оливие Асајас, ќе го прикаже Путин на почетокот на неговата политичка кариера. Ло ја опиша улогата како голем предизвик:
„Ова е како да се качувам на Еверест – сè уште сум на почетокот и гледам нагоре размислувајќи: ‘О, Боже, зошто се согласив на ова?’“
Во актерската екипа се вклучени и Пол Дано, Алиша Викандер и Зак Галифианакис. Дано ќе го игра Вадим Баранов, театарски режисер кој станува главен советник на Путин. Ликот на Баранов е инспириран од Владислав Сурков, контроверзен руски политичар, познат по неговото влијание врз пропагандната машинерија.
Филмот е базиран на бестселерот на Џулијано да Емполи од 2022 година, а сценариото го напишаа Асајас и Емануел Карере.
Џуд Ло, познат по бројни успешни улоги, минатата година се појави во акциониот трилер The Order, а моментално е дел од серијата Star Wars: Skeleton Crew на Disney+.