Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Душата на Лазорополе во фотографската рамка на Игор Цветковски

На 6 април оваа година, Игор Цветковски, фотограф и продуцент со впечатливо портфолио, во галеријата на Мала Станица приреди настан на кој ги презентитраше фото-монографијата и поголем дел од фотографиите опфатени во монографијата, кои, како што вели Цветковки се инспирирани од песната „Лазороска“ на авторот Јован Ламбески.

За овој свој проект Цветковски вели дека монографијата и 64-те пејсажни фотографии од Лазарополе од сите годишни времиња, ја изразуваат потребата на секое човечко битие да и се восхитува на природата во даден момент од својот живот.

За Цветковски, овој начин на самоизразување го прикажува неговиот восхит од природните убавини на Лазарополе во текот на зимскиот период, кога селото е сосема празно, прилика кој ретко кој имал можност да ја искуси уште повеќе што проектот е реализиран во периодот на ковид-пандемијата.

Комплетирањето на проектот „Лазороска“ се заокружува со музиката на младиот композитор Мартин Данчев, во дип хаус преработка со којашто се оприсутнуваат тишината и звукот на природата.

Редакцијата на порталот Рацин побара повеќе деталји за овој авторски предизвик коишто ги добивме со ова кратко интервју со Игор Цветковски.

Редакција Рацин: Која беше мотивацијата за проектот „Лазороска“? Велиме „проект“ зашто очигледно станува нешто повеќе од само фотографска изложба, книга и музика? Што ги спојува сите нив во „Лазороска“?

Игор Цветковски: Инспирација за оваа моја прва фото-монографија беше песната „Лазороска“ на авторот Јован Ламбески која го има одбележано моето безгрижно детство и летата поминати во Лазарополе.

Својот повеќемесечен престој во Лазарополе, во периодот од 2020 до 2022 година додека траеше корона лудилото, го документирав со фотографии на пејзажи, за кои многу често ми велеа дека го одземаат здивот.

Годинава ми е јубилејна 50 годишнина од живот, па некако се се спои во еден убав проект кој искрено после вчеаршната промоција ми ја наполни душата и срцето!

Р.Р.: Што има во „мета датите“ на фотографиите од Лазорополе ако во нив се крие душата на имиџот што го гледаме?

Во зимските месеци Лазарополе не е многу посетено, да не кажам пусто па затоа сакав да ја пренесам зимската идила која не секој имал прилика да ја види и почувствува. Бидејќи две зими ги поминав таму му ја осетив душата на Лазарополе и имав потреба тоа да го пресликам во моите фотографии за изложбата.

Р.Р.: Дали таму се и состојките што една пејсажна фотографија ја прават да „излезе од рамките“ како имиџ и да стане емоција?

Буквално секоја фотографија која беше на вчерашната изложба за мене има посебен спомен врежан од детството. А верувам дека погодив емотивно и многу Лазоровци со изборот на мотивите. Пејсажната фотографија колку и да изгледа едноставна не е. Мора да се поклопат многу „состојки“ за да стане емоција.

Р.Р.: Како локалното станува универзално? Што е тоа што овој проект може да им го пренесе на оние што приказната за Лазорополе ќе ја доживеат преку фотографиите на овој проект?

Доколку успеам со овој проект да допринесам во заживување на селото и регионот ќе биде полн погодок. Ако некого успеам да го привлечам да дојде, па макар и на прошетка ќе бидам пресреќен. Имаме прекрасни предели во оваа наша земја, треба да научиме да ги сакам и негуваме.

Дел од фотографиите од моногарфијата „Лазороска“ на Игор Цветсковски

Фотографии од отворањето на изложбата во Мала Станица.
Фотограф: Ангел Ангеловски

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново