На Украина ќе и треба армија од околу еден милион војници за одбрана од Русија, изјави денеска украинскиот претседател Володимир Зеленски за време на состанокот со претставниците на Меѓународниот совет за медиуми на Светскиот економски форум во Давос.
Зеленски изјави дека на Украина и се потребни околу милион војници за да се спротивстави на армијата од околу еден и пол милион руски војници, пренесе Укринформ.
Украинскиот претседател додаде дека толку голема армија ќе биде неопходна додека Украина не се приклучи на безбедносен сојуз, истакнувајќи дека за одржување на таков контингент ќе бидат потребни големи средства, што ги нема во буџетот на Украина.
Зеленски изјави дека затоа НАТО е најдобрата гаранција за безбедноста на Украина, САД и Европа.
„А кој ќе ја нахрани таа милионска армија? Ако Европа кажува дека Украина не се брани само себе, туку и европските вредности, тогаш логично е сите да ја поддржат оваа армија“, рече Зеленски, додавајќи дека украинската армија може да се финансира од профит од замрзнатиот руски имот.
Зеленски тврди дека во моментов на територијата на Украина има 608.000 руски војници, што е три пати повеќе отколку на почетокот на инвазијата во 2022 година.