Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека Србија направила грешка со гласањето за резолуција во Генералното собрание на Обединетите нации со која се потврдува поддршката за Украина и нејзиниот територијален интегритет.
Вучиќ за Телевизија Хепи изјави дека Србија требало да се воздржи.
„Мислам дека Србија денеска згреши, за тоа им се извинувам на граѓаните и јас сам ја сносам вината за тоа“, рече Вучиќ.
Тој додаде дека добил објаснување оти Србија со тоа гласање ги потврдила своите „позиции за територијален интегритет“.
„Не би ги негирале дури и да бевме воздржани. Мислам дека не треба да се додворуваме на ниту една сила, ниту на Русите ниту на Американците“, рече Вучиќ.
Тој додаде дека Србија била воздржана кога станува збор за предлогот за резолуција на САД и дека гласала „правилно“.
Тој изјави дека Србија три години „трпела во најтешката можна ситуација“ кога станува збор за санкциите против Русија, додавајќи дека позицијата на Србија „нема да биде уништена со една, две или три резолуции“.
Денеска земјите-членки на Обединетите нации со големо мнозинство гласаа за резолуција за поддршка на територијалниот интегритет на Украина.
Резолуцијата, која беше изгласана за 93 земји, против 18, со 65 воздржани, што епад на поддршката во споредба со претходните резолуции за поддршка на Украина, сепак ја потврди „посветеноста на Собранието на ОН за суверенитетот, независноста, единството и територијалниот интегритет на Украина“.
САД гласаа против резолуцијата предложена од Украина и европските земји. Против тоа беа и Русија и 16 други земји. Од земјите на ЕУ против таа резолуција беше и Унгарија.
Србија, заедно со Турција, е единствената земја кандидат за членство во Европската унија која не се приклучи на санкциите на Брисел против Русија.
Резолуцијата предложена од САД со која се повикува на „брз крај“ на конфликтот во Украина, без да се спомене територијалниот интегритет на Украина, не доби поддршка од членовите на Генералното собрание на ОН.
Резолуциите на Генералното собрание на ОН не се обврзувачки, но се сметаат за индикатор на светското мислење.