Србија е вклучена во листата на земји со најголем пад на слободите во последните десет години, се наведува во новиот извештај на меѓународната организација Фридом Хаус.
Оваа организација, со седиште во Соединетите Американски Држави, која ја документира состојбата со човековите права и слободи во светот, ја посочи власта како главен „виновник“ за падот на слободите во Србија.
„Србија под водство на претседателот Александар Вучиќ и неговата Српска напредна партија (СНС) дава жив пример за тоа како избраните лидери ги поткопуваат медиумите“, се вели во извештајот.
Саша Мирковиќ, еден од основачите на Асоцијацијата на независни електронски медиуми (АНЕМ), за Радио Слободна Европа (РСЕ) изјави дека наводите во извештајот се очекувани.
„Србија е земена како пример за земја која има влада која суштински ги поткопува медиумите. Во извештајот, Србија е во група со Ел Салвадор и Венецуела како земја која бележи постојан пад (во слободата) во подолг временски период“, вели тој.
Во извештајот „Слобода во светот 2025“ се наведува дека некои од најголемите падови на слободите во последните 19 години се забележани во Ел Салвадор, Србија и Венецуела „каде што лидерите постојано ги уриваат демократските институции додека зацврстуваат авторитарно владеење“.
Меѓу земјите и областите кои забележаа најголем пад на слободите, Србија се најде на седмото место, зад Никарагва, Тунис, Ел Салвадор, Танзанија, Нигер и Хонг Конг.
Тоа значи дека Србија бележи најголем пад на слободите од сите земји во Европа.
Србија е означена со жолта боја во извештаите на Фридом Хаус од 2019 година, претставувајќи делумно слободни земји.