Берзанските индекси на Волстрит остро паднаа откако американскиот претседател Доналд Трамп воведе 25% царини на увозот од Канада и Мексико, зголемувајќи ги стравувањата од трговска војна. Dow Jones се намали за 1,48% на 43.191 поен, S&P 500 падна за 1,76% на 5.849 поени, а Nasdaq загуби 2,64% и се спушти на 18.350 поени.
Трамп ги одложи царините за еден месец, давајќи им време на Канада и Мексико да преземат мерки против шверцот на дрога и нелегалната миграција. Сепак, пазарите очекуваа договор, кој не се случи.
„Оваа нова реалност мора да се пресмета во пазарните проекции, а бројките нема да бидат добри“, изјави Џејми Кокс од финансиската групација Харис.
Канада веќе се закани со економски контрамерки, вклучувајќи прекин на снабдувањето со електрична енергија. Аналитичарите стравуваат дека ова може да ја зголеми инфлацијата, што би ја спречило американската централна банка (ФЕД) да продолжи со намалување на каматните стапки.
На европските берзи ситуацијата беше поинаква – акциите пораснаа. Лондонскиот FTSE индекс се зголеми за 0,70%, франкфуртскиот DAX за 2,64%, а парискиот CAC за 1,09%. Индексот STOXX 600 достигна рекордни нивоа со раст од 1,1%, предводен од одбранбениот сектор, кој скокна за 8% поради најавите на ЕУ и Велика Британија за зголемени инвестиции во одбраната и дополнителна помош за Украина.
Оваа поддршка доаѓа откако разговорите меѓу Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски во Белата куќа пропаднаа, дополнително продлабочувајќи ја неизвесноста на пазарите.