Во само 10,3% од германските домаќинства жените заработуваат повеќе од нивните машки партнери, покажуваат бројките објавени од Сојузниот завод за статистика на Германија, пренесува ДПА.
Во 56,6% од хетеросексуалните врски мажот е главен хранител во домаќинството, додека во 33,1% од домаќинствата и двајцата партнери имаат слично високи приходи.
Заводот за статистика во Визбаден го дефинира главниот заработувач како лицето кое заработува 60% или повеќе од вкупниот нето личен приход на парот.
Една од причините за оваа нерамнотежа е тоа што жените почесто од мажите работат со скратено работно време.
Разликата е помалку изразена, иако сепак јасна, кај паровите без деца. Во овие случаи, мажите се главни заработувачи во 51,1% од домаќинствата, додека жените се главни заработувачи во 11,8% од домаќинствата.
Распределбата на приходите на домаќинствата меѓу половите речиси и не се промени во последните години, покажуваат бројките на заводот за статистика.
Процентот на жени кои заработуваат повеќе од нивниот машки партнер остана на слично ниво од 2021 година, кога беше 10,5%. Во истиот период, сепак, процентот на мажи кои заработуваат повеќе од нивната партнерка е малку намален од 58,8% во 2021 година.