Со дебела сенка на сомнеж е покриена одлуката на Апелација за речиси за половина да ја намали затворската казна на која беше осуден Бојан Јовановски, викан Боки 13, во 2020 година во предметот „Рекет/Поткуп“ кога беше прогласен за виновен и доби казна затвор од девет години за кривични дела „примање награда за противзаконито влијание“ и „перење пари и други приноси“.
Дебелата сенка има повеќе аспекти што само ја зголемува тежината на сомнежот. Како прво, преседан е толку големо намалување на правосилна затворска каза која е само почеток на крајот на неговиот целосен „отпуст“ од затвор, во кој ионака досега само „сезонски“ престојуваше користејќи ја својата здравствена состојба како причина да бара и да добива „излез“ од затворската ќелија за да се лекува.
И во моментот кога Апелација ја донесе одлуката, Бојан Јовановски беше надвор од затворот и времето го користеше за да заработи за да може да се лекува, како што препорачаа докторите или за настапи во медиумите.
Одлука врз стари медицински наоди
Инаку еден од аспектите што ја фрлаат сенката на сомнеж за одлуката на Апелација, како решение на поднесеното барање за преиначување на правосилна пресуда без повторување на постапката, е оној кој се однесува на медицинските докази за неговата здравствена состојба.
Имено, осудениот Јовановски доставил повеќе медицински докази за сериозно нарушена здравствена состојба се лекарски наоди од пред речиси три години. Едниот е од 08.08.2022 година од ЈЗУ УК по хируршки болести Св. Наум Охридски Скопје, следниот е од горнодигестивна ендоскопија од 31.10.2022 година, потоа медицинско-конзилијарно стручно мислење од 23.11.2022 година, извештајот од ЈЗУ УК за Гастроентерохепатологија од 05.12.2022 година и хистопатолошки наод од Медицински факултет-институт за патологија од 14.12.2022 година.
Прашање е зошто Апелација не побарала ажурирани медицински наоди и мислења, односно од понов датум за да се утврди здравствената состојба на Бојан Јовановски денес.
Во пресудата на Апелационен суд Скопје стои дека наведените околности со извршен детален опис на целокупната дијагноза на осудениот, доведени во корелација со фактот дека осудениот сѐ уште е на домашно лекување и третман и е под лекарски надзор, претставуваат околности што ги немало кога се изрекувала пресудата и тие може да се категоризираат во групата околности кои би можеле да имаат влијание во однос на примената на институтот преиначување на правосилна пресуда без повторување.
Точно е, здравствените околности не биле такви кога се изрекувала казната во 2020 година, но не се знае ниту какви е здравствената состојба овие денови, односно во временскиот период кога Апелација донела одлука да му ја преполови казната, со оглед дека таа одлука е донесена врз основа на наоди од 2022 година.
„Во контекст на сите овие околности, доведени во корелација и со околностите кои ги ценел судот при одмерувањето на видот и висината на казната, Кривичниот совет на овој суд утврди дека со изречената единствена казна затвор во траење од 5 – пет години, а по претходно утврдување на поединечните казни, доволно воспитно ќе се влијае врз осудениот, во иднина да не се јавува како сторител на вакви и слични кривични дела, а позитивно ќе се влијае и на планот на генералната превенција, со што ќе остварат целите на казнувањето, во смисла на член 32 од Кривичниот законик“, стои во пресудата на Апелација.
Но, и ова образложение не држи затоа што Бојан Јовановски, викан Боки 13, и додека бил на времена слобода за да го подобри своето здравје, всушност се впуштиле во дејствија надвор од законските рамки.
Подарокот на Апелација
Јовановски и јутјуберот Стефан Лазаров организирале наградна игра без дозвола, што е прекршок според Законот за игри на среќа и забавни игри.
Лазаров потврди дека поради оваа новонастаната ситуација се откажува сите наредни планирани настани в о врска со оваа прекршочна постапка, исто како и Боки 13, но останува фактот дека овој прекршок го направил во исто време кога му е одобрено намалувањето на казаната од Апелација во предметот „Рекет“ за примање награда за противзаконито влијание и перење пари.
Следниот аспект за сомнеж го открива Бранко Геровски. Во текст со наслов „Терај Боки, ти си паметниот, ние сме будалите!“, Геровски упатува на нешто што е типично за состојбите во правосудството.
Геровски посочува дека „апелациската судијка Мери Дика е долгогодишна пријателка на мајката на Боки и наводно и негова кума“. Дополнително, Геровски потсетува дека нејзина сестра е Агапи Дика, која претседаваше со Собранието на Меѓународниот сојуз, невладината организација на Бојан Јовановски, која е предмет на еден друг судски случај за органзиран криминал и за кој судењето е во тек.
Оттаму, некако станува јасно зошто Апелација одбрала да му ја намали казната на Бојан Јовановски за половина од изреченото време ако веќе имало и други опции кои, според соопштението на судот, кои биле на „масата“. Сепак од Апелација не открија кои се тие опции.
Сѐ, на сѐ, на Бојан Јовановски му остануваат уште само неколку месеци од затворската казна со оглед на тоа што „беше“ во затвор четири и пол години, а на последната одлука на Апелација, Јовановски може да бара и условен отпуст за преостанатите неколку месеци од казната.
Но дебелите сомнежи за одлуката на Апелација не престануваат тука.
Тефтерчето со имињата на судиите е „живо“
Чекор понатаму во врска со овие сомнежи отидоа од порталот 24Инфо.мк кои на оваа тема прашаа „Кој му ја преполови затворската казна на Боки 13 како награда за неговиот ангажман пред изборите?“.
Во текстот на 24Инфо.мк се посочуваат шпекулациите во јавноста и општествените кулоари се шпекулира дека ваквата одлука на Апелација, односно ослободувањето на Боки 13 е награда за неговата улога во предизборниот период во 2024 година.
Тогаш Јовановски низ јавни настапи а особено во поткастот кај Лазаров изнесуваше детали за наводни негови случки со членови на раководството на СДСМ.
Емисијата се емитуваше непосредно пред денот на избори, а поради изборниот молк функциониерите на СДСМ немаа можност да се одбранат ниту да ги демантираат изјавите на Боки 13.
И повторно, сето тоа се случуваше кога Јовановски беше на отпуст поради наводна болест па затворската ќелија ја смени со подкаст студиото на Лазаров.
Со истиот Лазаров, Јовановски организираше мега „гивавеј“ или наградна игра, што го крена алармот во институциите, првенствено во УЈП која „чешлаше“ документации и се обиде да го прекине шоуто.
Но, епилог од таа акција до ден денес нема. Односно не се знае дали Јовановски го прекршил или не законот, па оттаму се чини оправдано прашањето дали некој ургирал во УЈП за целата работа да се заташка или навистина немало никакви докази против Боки 13?
Сепак, низ неколку медиуми се шпекулира дека во редовите на власта има поединци кои одработуваат за Боки 13, а според други медиумски тврдења, работата како за намалување на казната, така и за прекинот на истрагата на УЈП, работата ја има завршено еден од потпретседателите на Владата.
Сепак, најгласно за ова ситуација зборува молкот на ВМРО-ДПМНЕ од каде што се навикнавме на силни и гласни обвинувања на сметка на судиите. Но, овој пат од белата палата само молк за одлуката на Апелациониот суд и за Боки 13, а се сеќаваме дека своевремено, во 2019 годиба, кога изби аферата „Рекет/Поткуп“, тогаш опозициската ВМРО-ДПМНЕ тврдеше дека „Бојан Јовановски е дел од рекетарската приказна на власта“.
Од сето ова приозлегува дека Бојан Јовановски, викан Боки 13, сега е од корист за водечката партија во Владата, кај која, оваа одлука на Апелација индицира дека „тефтерчето“ со имиња на судии е сѐ уште во функција.
Единствено што треба да се расветли е кое крило во ВМРО-ДПМНЕ му ја преполови казната на Бојан Јовановски, ако едното „тера правна држава“ и му испрати инспекција од УЈП, а другото е „великодушно“ и се погрижи да му ја преполови казната.
Р. Р.