Белградската филхармонија до македонската: Имате поддршка, изберете најквалификуван, а не партиски директор

Македонската филхармонија соопшти дека денеска добила поддршка од колегите од Белградската филхармонија да истрае во борбата за избор на најквалификуваниот, а не партиски договорен директор.

Музичарите на белградската филхармонија целосно ги поддржуваат своите колеги од Македонската филхармонија во нивната борба за законски и транспарентно спроведен конкурс за избор на директор“, се вели во соопштението.

Во соопштението се истакнува дека штрајкуваат и музичарите на Белградската филхармонија и дека како и вработените во Македонската филхармонија бараат транспарентен конкурс за избор на директор, но и повисоки плати.

„Ние целосно ја разбираме вашата борба, бидејќи во моментов се соочуваме со истиот проблем. И нашата и вашата земја треба да бидат свесни дека здраво општество не може да постои доколку граѓаните ја изгубат вербата во институциите на системот и ако културата и уметноста постојано се туркаат на маргините. Ние и вие добро знаеме колку е важно кој ќе ги води нашите институции, бидејќи тоа го одредува патот по кој ќе чекориме во иднина“, стои во писмото со поддршка од музичарите на Белградската филхармонија до нивните колеги во Македонската филхармонија.

Во соопштението се вели дека на властите во Северна Македонија „треба да им биде јасно дека Македонската филхармонија не е убава нова концертна сала на која и завидуваат колегите од регионот, туку музичарите кои работат таму“.

Треба да знае и дека „на вас, а не на концертната сала ви треба квалификуван и вешт менаџер, а не партиски поставен директор без критериуми и надвор од законските норми. Се надеваме дека ќе истраете во борбата и дека ќе се борите Македонската филхармонија на легален и транспарентен начин да добие нов директор“, стои во писмото за поддршка на музичарите на Белградската филхармонија до нивните македонски колеги, кое го пренесоа медиумите.

Зачлени се на нашиот е-билтен