Полска го исмева референдумот на Орбан за Украина во ЕУ

Полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски иронично ја коментираше идејата на унгарскиот премиер Виктор Орбан за одржување референдум меѓу Унгарците за можното пристапување на Украина во Европската унија (ЕУ).

„Унгарија има намера да одржи референдум за идното членство на Украина во Европската унија. Би бил љубопитен да ги видам резултатите од референдумот во ЕУ за членството на Унгарија на Орбан“.

Ова го напиша полскиот министер на социјалната мрежа Х.

Потсетуваме дека еден ден претходно Орбан изјави дека ЕУ не може да си дозволи да ги финансира воените напори на Украина, особено затоа што американската финансиска помош повеќе не е загарантирана. Неговата изјава дојде откако лидерите на 26 земји од ЕУ потпишаа заедничка декларација за поддршка на Киев – без учество на Унгарија.

Орбан, кој се смета за сојузник на претседателот Доналд Трамп и одржува блиски врски со Москва, најави дека унгарската влада ќе започне „јавна консултација“ за евентуалниот пристап на Украина во ЕУ во наредните недели. Ова се случува во контекст на претстојните парламентарни избори во Унгарија на почетокот на 2026 година.

Од почетокот на војната, Виктор Орбан одбива да обезбеди воена помош за Украина и редовно ги блокира или одложува европските иницијативи поврзани со поддршката за Киев. Тој повикува на „итно прекин на огнот и мировни преговори“, критикувајќи го пристапот на ЕУ за зголемување на воената поддршка.

Унгарскиот премиер редовно повикува на дијалог со Русија и изразува сомневање за ефективноста на санкциите против Москва. Тој исто така нагласува дека безбедноста на Европа не треба да зависи од конфликтот во Украина, а приоритет треба да бидат економските и енергетските интереси на земјите-членки.

И покрај притисокот од Брисел и сојузниците во НАТО, Орбан останува еден од ретките европски лидери кои отворено ја критикуваат политиката на санкции на ЕУ против Русија и ја доведуваат во прашање долгорочната стратегија за поддршка на Украина.

Зачлени се на нашиот е-билтен