Здружението на инженери на Македонија поднесе претставка до Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), барајќи измени во правилата за снабдување со електрична енергија, со цел да се спречат неправедните наплати и дополнителната заработка на ЕВН.
Тие бараат:
Воведување месечно отчитување на броилата, како што е предвидено за другите категории во Тарифниот систем за дистрибуција.
Доколку броилото не биде отчитано, ЕВН да издава фактура од 420 денари со прикажување на 0 kWh потрошувачка, а по реалното отчитување, потрошувачот да добие коригирана фактура.
Според инженерите, со воведувањето на блок-тарифите во 2022 година и кварталното отчитување, многу домаќинства се внесуваат во повисоки ценовни блокови, што ги зголемува нивните сметки. Ова води до неоправдана дополнителна заработка за ЕВН, која, според нивните проценки, може да достигне и до 2 милиони евра годишно.
Од Здружението нагласуваат дека РКЕ има обврска да ги заштити потрошувачите и да обезбеди фер наплата според реалната потрошувачка.