Трактори паркирани во ценарот на Белград

Голем број трактори се паркирани околу Пионерскиот парк во центарот на Белград, каде што членовите на здружението „Студенти 2.0“ кампуваат од 6 март, барајќи прекин на студентските блокади на факултетите, јавува Радио Слободна Европа.

Неколку десетици трактори беа паркирани ноќта меѓу 13 и 14 март, дел на тротоарите, а дел на коловозот. Некои од нив имаат регистарски таблички од Кикинда.

На социјалните мрежи претходно беа објавени видеа и фотографии од камиони што превезуваат трактори од различни делови на Србија. Едно видео од Крагуевац прикажува камион со грбот на градот Белград и без регистарски таблички, натоварен со повеќе трактори.

Студентите кои веќе три и пол месеци ги блокираат факултетите, пред протестот закажан за 15 март, апелираа до Министерството за внатрешни работи да ја отстрани „шаторската населба“ од Пионерскиот парк до 14 март и да спречи нејзино повторно формирање до 16 март. Доколку тоа не се случи, побараа полицијата да обезбеди кордон меѓу кампот и учесниците на протестот.

Српскиот претседател Александар Вучиќ ги повика студентите што кампуваат во паркот да си одат дома во сабота и да се вратат наредниот ден.

Студентите кои ги блокираат факултетите бараат кривична и политичка одговорност за трагедијата во Нови Сад на 1 ноември 2024 година, кога се урна настрешница на Железничката станица и загинаа 15 лица. Нивните барања ги поддржуваат дел од просветните работници, адвокатите, како и дел од земјоделците и културните работници. Масовни протести и блокади веќе се одржаа во Нови Сад, Крагуевац и Ниш.

Паралелно, група што се нарекува „Студенти 2.0“ од 6 март кампува во Пионерскиот парк. Тие се претставуваат како „студенти кои сакаат да учат“ и бараат прекин на блокадите. Дел од јавноста обвинува дека зад нив стои владејачката партија, но присутните во паркот го демантираат тоа.

Зачлени се на нашиот е-билтен