Најмалку 59 лица загинаа, а 155 се повредени во катастрофалниот пожар што избувна во дискотеката во Кочани, соопшти министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Огнот брзо се проширил на таванот и покривот, додека публиката, претежно млади луѓе, присуствувала на концерт што започнал на полноќ. Меѓу загинатите има тројца малолетници, а 22 лица се во критична состојба. Најмладата жртва имала само 14 години.
Меѓу жртвите е и 30-годишниот Тоше Богданов од Облешево, кој таа вечер излегол да го прослави раѓањето на својот син. Според неговите пријатели, сакал да ги почести блиските и отишол во дискотеката, не насетувајќи ја трагедијата што ќе следи.
„Тоше штотуку стана татко. Среќен беше, сакаше да прослави со пријателите. Отиде во дискотеката, а сега го нема“, раскажува извор близок до семејството.
Во врска со трагедијата веќе се приведени неколку лица, а истрагата за причините за пожарот е во тек.