Две момчиња со тешки повреди во пожарот во Кочани, рано утринава во 3 часот се пренесени на Клиниката за трауматологија при болничкиот центар „Сестри на милоста“, а еден од нив е во тешка состојба со изгореници на белите дробови, информираа во вторникот лекарите, пренесува хрватската агенција ХИНА.
Едниот е малолетник, а другиот е во раните дваесетти години. Помладиот пациент има полесни изгореници, другиот има изгореници на белите дробови, а се очекуваат компликации, изјави главниот лекар Драган Ѓурѓевиќ на вонредната прес-конференција пред Клиниката.
„Само површината на изгорената кожа не треба да биде опасна по живот. Се преземаат мерки за стабилизирање на неговата општа состојба поврзана со изгорениците на белите дробови“, додаде тој.
Тој рече и дека најголемиот дел од повредените се здобиле со изгореници на главата и горниот дел од телото, бидејќи изворот на пожарот и експлозијата бил на таванот.
„Малолетникот има полесни изгореници од 10 проценти без повреда при вдишување и засега не бара интензивно лекување, а другиот маж исто така има изгореници од 10 до 15 проценти, но има и повреда при вдишување која бара интензивни мерки за лекување“, изјави Тихана Магдиќ Турковиќ, началник на Одделот за интензивна нега на Клиниката за трауматологија.
Сè додека не им биде утврдена точната дијагноза и што е проблемот, животот на двајцата им е во опасност, рече таа. Со амбулантно возило синоќа бил организиран транспорт од аеродромот, од каде биле превземени и двајцата пациенти, а во болницата пристигнале околу 3 часот по полноќ. Неофицијално, тие биле пренесени со луксембуршки авион.
„За мажот со помали изгореници само ќе го набљудуваме пациентот и дополнително ќе го следиме, но за посериозна повреда при вдишување потребна е механичка вентилација, употреба на респиратор и аналгоседација“, рече Магдиќ Турковиќ. Пациентите со изгореници се тешки пациенти на кои им треба повеќемесечно лекување.
Директорот на болничкиот центар „Сестрите на милоста“, Давор Вагиќ, изрази сочувство до семејствата на загинатите во трагедијата што се случи во Северна Македонија.
Тој посочи и дека Клиниката за трауматологија е упатен центар за изгореници во Република Хрватска и дека таму работат најкомпетентните лица во земјава за лекување изгореници, а имаат и банка за ткиво која е специфично поврзана со лекување на изгореници.
Во пожар во ноќен клуб во Кочани, кој избувна во неделата рано наутро, загинаа 59 млади лица, а повеќе од 150 се повредени. Неколку десетици тешко повредени лица се транспортирани или се подготвуваат за транспорт во соседните земји, меѓу кои Бугарија, Грција, Србија, Хрватска и Турција, соопштија северномакедонските власти.
Владата во Загреб утрово извести дека хеликоптер на хрватската армија денеска и утре ќе превезува уште четворица пациенти, кои исто така ќе се лекуваат во хрватските здравствени установи.