Со враќањето на првиот пациент лекуван во Белград, започна постепеното враќање на повредените во пожарот во Кочани. Медицинските тимови проценуваат дека процесот ќе зависи од здравствената состојба на секој пациент и препораките на лекарите во странство.
Дарко Стојанов кој во моментов е во добра здравствена состојба вчера беше пречекан од министрите за здравство и за надворешни работи, Арбен Таравари и Тимчо Муцунски.
Според протоколите на Кризниот штаб во Министерството за здравство, формиран по трагедијата во Кочани, секој од пациентите како што ќе се враќаат во земјава, минимум 24 часа ќе бидат на опсервација во некоја од клиниките во земјава.
Директорот на Клиниката за токсикологија, Андон Чибишев, изјави дека пациентот што се врати од Белград е во сосема подобрена општа клиничка состојба и извесен период од неколку часа или можеби доденеска ќе биде опсервиран на Клиниката.
„Во моментот се прават некои клинички иследувања, тој е прегледан, во сосема добра состојба е, со добри клинички параметри. Ќе направиме некои наши иследувања за да бидеме сигурни дека можеме да го пуштиме да си оди дома кај семејството“, рече вчера Чибишев.
Во моментов, 115 лица се на лекување во Србија, Словенија, Бугарија и други земји. Лекарите предупредуваат на можни компликации, особено инфекции, кои го продолжуваат периодот на опоравување.
Во Словенија, четворица тешко повредени пациенти се под интензивна нега. Лекарите во Љубљана и Марибор велат дека нивната состојба останува критична. Слично е и во Бугарија, каде петмина од 15-те хоспитализирани пациенти се малолетни, а најголем ризик претставуваат последиците од вдишување токсични гасови.
Македонските здравствени власти очекуваат во наредните недели дел од пациентите да бидат вратени, но за многумина лекувањето ќе продолжи уште долго.