Узунов: Подобро САД да ни ги качат царините на 330%, но да ги тргнат тие 20% кон ЕУ

Професорот по економски науки, Ванчо Узунов, ја коментираше одлуката на САД да воведе повисоки царини, оценувајќи ја како потег со минимално директно, но потенцијално сериозно индиректно влијание врз македонската економија.

Како што вели тој, извозот на македонски производи кон американскиот пазар е мал, додека околу 90 отсто од македонскиот извоз оди кон Европската Унија – пазар кој е директно погоден од новите царински политики на Вашингтон. Со воведувањето на 20% царини за земјите-членки на ЕУ, индиректно се загрозува и македонската економија, бидејќи се очекува ЕУ да одговори со контрамерки, што дополнително ќе го усложни извозот.

Узунов ја критикува методологијата според која САД ја донеле оваа одлука. Според него, американската страна ги анализирала номиналните царински стапки, наместо реалните ефективни стапки. „Не може да се земе само највисоката стапка и да се извлече заклучок. Ако Македонија има царина од 65% на производ што го увезува во вредност од 100.000 долари, а има 0% царина на производи вредни 100 милиони долари, тогаш ефективната стапка е многу пониска – само 2%“, појаснува Узунов.

Тој истовремено ја критикува македонската страна што сè уште не го има „исчистено“ царинскиот систем од несоодветни и застарени царини, што, според него, остава простор за вакви напади. „Не може САД да ја користи нашата неажурност како оправдување за казнени мерки. Треба да речат – тргнете ги тие царини, па ќе продолжиме со соработка“, вели тој, додавајќи дека ваквите потези повеќе наликуваат на однесување на „деца што си играат со играчки“.

Идејата за договор за слободна трговија меѓу Македонија и САД, која ја најави македонската влада, според Узунов, не носи реално олеснување, бидејќи главниот проблем не е во македонските царини кон САД, туку во трговската војна меѓу САД и ЕУ.

„Можеме ние и да потпишеме дека ќе плаќаме уште повеќе давачки на САД, ама тоа ништо не менува. Нивниот интерес не е да извезуваат повеќе овде, туку да ја дисциплинираат ЕУ. Кога ќе се реши проблемот меѓу нив, ние автоматски ќе почувствуваме олеснување“, објаснува професорот.

На крајот, Узунов предлага и нешто што звучи како иронична, но суштинска забелешка:
„Јас денес би предложил САД да ни ги качи царините десетпати, нека бидат 330%, ама нека ги тргне тие 20% кон ЕУ. Така барем ќе ни биде полесно.“

Според него, наместо да преговара за невозможни решенија, владата треба да се фокусира на тоа како да го намали товарот за домашните компании кои ќе бидат најпогодени од трговските судири меѓу глобалните сили.

Извор Фокус

Зачлени се на нашиот е-билтен