Германија воведува камери за откривање возачи кои користат мобилен телефон додека возат

Германската полиција започна со поставување на специјални камери кои ќе детектираат возачи што користат мобилен телефон за време на возењето, јавуваат германските медиуми.

„Одвлекувањето внимание од управувањето со возилото поради мобилен телефон е една од најпотценетите, но сериозни опасности во сообраќајот. Затоа сега реагираме со поставување вакви камери“, изјави министерот за внатрешни работи на покраината Рајнска Фалц, Михаел Елбинг, при поставување на првата таканаречена „монокамера“.

Елбинг објасни дека само една секунда невнимание при брзина од 100 километри на час значи дека возачот минува 30 метри „всушност слепо“.

Последици од невнимание

Минатата година, само во Рајнска Фалц биле забележани над 1.000 сообраќајни несреќи и три жртви како директна последица на користење мобилен телефон при возење.

Возачите кои ќе бидат фатени со мобилен во рака ќе бидат казнети со 100 евра и еден казнен поен во централниот регистар на возачи.

За споредба, во соседна Холандија каде што ваквите камери веќе се користат, казната изнесува дури 430 евра.

Првични резултати и прашања за приватност

Според полицијата во Мајнц, само во првиот час по активирањето на камерата, биле забележани четворица возачи со мобилен телефон во рацете.

Германскиот автомобилски клуб ADAC предупредува на големата количина податоци што се собираат со овие камери, бидејќи се снимаат сите возила што минуваат.

„Затоа е од клучно значење да се чуваат само фотографиите на кои софтверот ќе препознае возач со мобилен телефон во рака“, соопштуваат од ADAC.

Зачлени се на нашиот е-билтен