Русија тврди дека соборила 1.214 украински дронови изминатата ноќ

Фото: Flickr/President Of Ukraine

Руската противвоздушна одбрана соборила рекордни 1.214 украински беспилотни летала во текот на ноќта, соопшти руското Министерство за одбрана. Ова е најмасовен напад со дронови на руска територија од почетокот на војната, што се случува во пресрет на најавената нова рунда мировни преговори со посредство на САД.

Вкупниот број на соборени дронови го надмина претходниот рекорд од 20 септември, кога Москва пријави соборување на над 1.100 летала.

Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, изјави дека кон регионот на главниот град биле лансирани 613 дронови, при што околу една третина биле уништени на приодите кон градот. Нападот врз главниот град доаѓа во време кога Кремљ е домаќин на самитот Русија-Африка, на кој присуствуваат повеќе од 22 странски лидери.

На мета биле и индустриски капацитети длабоко во внатрешноста на Русија. Во градот Стерлитамак, во републиката Башкортостан, остатоци од соборен дрон предизвикале штета врз индустриски комплекс. Според независниот медиум Астра, снимките од теренот покажуваат чад над компанијата „Башкир сода“, лоцирана на околу 1.200 километри од границата со Украина. Фабриката е единствен руски производител на суровина за арамидни влакна што се користат за изработка на воена заштитна опрема, панцири и шлемови.

Оштетување на индустриски капацитет по напад со беспилотно летало потврди и гувернерот на регионот Перм, Дмитриј Махонин.

Во пограничната област Белгород, според локалните власти, едно лице загинало, а седуммина се повредени. Истовремено, украинските власти соопштија дека во руски воздушни напади во областа Ривне загинало едно лице.

Рацин.мк ве прашува:

Дали студентскиот „земјотрес“ во Србија ќе ја разбуди и македонската политичка сцена?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали студентскиот „земјотрес“ во Србија ќе ја разбуди и македонската политичка сцена?