Папата Франциск, кој почина на 88-годишна возраст, беше првиот поглавар на Римокатоличката црква кој ја посетил Македонија.
Посетата се случи пред шест години, односно на 7 мај 2019 година, а беше дел од неговата тридневна турнеја под мотото „Не плаши се мало стадо“ и имаше за цел да ја охрабри во верата малата, но жива македонска католичка заедница.
На Светата миса, која се одржа на плоштадот „Македонија“ во Скопје, папата испрати поради за љубов, мир и заедништво.
„Гладни сме Господи за братство каде индиферентноста, дискредитирањето, клеветењето нема да ги наполнат нашите маси и нема да го заземат првото место во нашиот дом“, рече тогаш папата.
Папата Франциск тогаш порача да се следи делото на скопјанката Мајка Тереза, која три години претходно (во 2016 година) токму тој ја прогласи за светица, како пример за братството, милосрдието и сочувството меѓу луѓето.
Посетата на папата Франциск на Скопје, како и понтификалната миса на плоштадот се одвиваа под строги безбедносни мерки, а на плоштадот присуствуваа 15 000 верници со претходно обезбедени билети.
Освен од земјава, неговата посета привлече и бројни верници од регионот, но и од светот, дојдени од блиску да го видат или да го допрат првиот човек на католичката црква.
Посетата на поглавот на Римокатоличката црква тогаш се совпадна со одбележувањето на 25-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи на Северна Македонија со Ватикан.
Посетата на папата, како што потсетува ТВ Телма, тогаш дојде во чувствителен момент, односно неполни четири месеци по промената на името, за што немаше политички консензус.
Папата беше пречекан од претседателот во заминување Ѓорге Иванов кому му истекуваше вториот и последен мандат, а на изборите одржани два дена претходно за нов претседател беше избран Стево Пендаровски.
За посетата на Папата Франциск беше формирана посебна работна група по раководство на Владата на Северна Македонија која во соработка со Ватикан организираше беспрекорен пречек и престој на поглаварот на Римо-католичката црвка. Премиер на Северна Македонија беше Зоран Заев.
Папата Франциск почина на 21 април на 88-годишна возраст.
Тој беше првиот папа кој доаѓа од Латинска Америка, и првиот понтиф (првосвештеник) роден надвор од Европа по повеќе од илјада години.







